Од 2. до 5. јуни, кралицата Елизабета Втора со низа настани и почести го славеше својот платинест јубилеј, 70 години на тронот на Британија, што воедно ја издвојува како монарх со најдолго владеење во кралството.
Интересно беше да се анализира ова четиридневно славење и од моден аспект. Особено ако во модниот фокус ја имате војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон која покажа врвна елеганција и естетско чувство и за оваа прилика, што секако беше и очекувано од неа.
Своето модно шоу го започна во прочистен, а исклучително впечатлив бел сако-фустан од Александар Меквин и елегантна шапка, изглед кој најави вистинско модно уживање кога е во прашање Мидлтон.
По оваа минималистичка бела елеганција, следуваа храбри, колоритни изданија во црвена и магента боја, едниот капут-фустан со закопчување однапред, а другиот романтичен, женствен модел на преклоп.
Уште една меѓу највпечатливите, беше комбинацијата во нежна жолта нијанса, во модел кој се надоврза на претходните елегантни кроеви на преклоп и шапка како стилска „јаготка на шлагот".