Гламур во чест на генијалниот Карл Лагерфелд.
Традиционално првиот понеделник во мај е посветен на „Модните оскари", односно најгламурозниот настан во светот на модата Мет Гала во организација на Институтот за костими на Музејот Метрополитен.
Домаќинката на настанот, Ана Винтур, вчеравечер ѝ посака добредојде на гостинската елита која годинава на црвениот тепих чекореше во чест на Карл Лагерфелд, односно темата на годинешната Мет Гала беше посветена на модниот генијалец кој почина во 2019, но зад себе остави безвременско модно наследство.
Сите лица на луксузот, од беспоштеден гламур до ексцентрични костими кои и самиот Карл ги обожуваше, беа дел од сценографијата која имаше еден заеднички предзнак – ода на неговата дизајнерска величественост.
Интересно беше да се забележи како неговите колеги-дизајнери и другите модни брендови, го реинтерпретираат неговото дело, што особено беше впечатливо кај Версаче, во спојот на Шанел – твидот и Версаче – кројот со провокативните отвори и високите шлицови, како костимот што го носеше Ен Хатвеј.
Нашиот, а веруваме и генерален впечаток на јавноста, е дека кралица на модното шоу беше бремената Ријана, која прикажа врвна екстравагантност во бела Валентино креација со масивна наметка со 3Д флорални мотиви.
А белата боја беше избор во која многумина од гостите го препознаа Карл Лагерфелд или комбинацијата црно-бело, што во суштина беше и визуелен идентитет на неговиот личен имиџ.
Џениферл Лопез носеше бела тоалета со црни детали од Ралф Лорен, Ен Хатвеј која и претходно ја споменавме, исто така носеше бела тоалета, а во однос на белата боја оваа листа ја продолжуваме и со Миранда Кер во Диор, Кара Делевињ во Карл Лагерфелд, Жизел Бундшен во Шанел, Ирина Шајк, Дуа Липа во Шанел, како и Пенелопе Круз.
Иако до последен момент не беше потврдено, сепак сестрите Кардашијан беа присутни меѓу гостите, а еден од најексцентричните моменти на настанот го приреди Џаред Лето (за него и очекувано), кој беше маскиран во мачката на Карл Лагерфелд, познатата Шупет и беше неофицијалната маскотана вечерта.
Голем дел од гостите носе и црни, масивни очила за сонце, како уште една препознатлива референца од имиџот на големиот Карл Лагерфелд.
Погледнете каов беше амбирнтот на црвениот тепих низ фотографиите во продолжение.