Во вторник, 17. Декември во 12 часот во галеријата Акантус во Скопје ќе биде отворена групната изложба насловена како „Slowscapes". Македонските модни брендови Арма, Петел Паун, Лудус, Марта Пејоска, Нина Нине, Кактус, Јована Филиповиќ и Ивана Секуловска (Factory Girl) ќе ги понудат на продажба своите најнови колекции во амбиент пригоден за престојните празници.
Ова е трето издание на изложбата курирана од Драган Христов кој стои зад брендот Лудус и сега веќе прераснува во познато место на скопската публика каде македонски дизајнери за прв пат ги претставуваат новите колекции за актуелната сезона. Внимателната селекција на брендови кои го застапуваат "slow fashion" движењето кај нас и се спротиставуваат на модната индустрија ќе биде надополнета овој пат со неколку нови брендови што исто така имаат одговорен и еколошки пристап во работата.
AЯMA е бренд основан од Амра Исмани, изграден врз темелите на париската модна школа која се базира на иновативност во дизајнот и беспрекорност во изработката. AЯMA суптилно ја спојува незаузданата креативност со строгото моделарство за да понуди ненаметлива убавина која се противи на објектификацијата на женското тело. Водена од премисата дека облеката му е потчинета на телото, AЯMA е колаж од удобност и мултифункционалност која ги дестабилизира конзервативните замисли за женската естетика.
Капсулната колекција со која ќе се претстави на Slowscapes го носи името Pars pro toto. Составена од креации што меѓусебно се вклопуваат формирајќи еден единечен мозаик.
Парчињата се изработени од природни материјали како свилено кадифе, свилен тафт, памук и волна.
Брендот Кактус започнат во 2016та година е спој на различните професии на дизајнерките Еми Ермилова и Сандра Мојсова, кои графичкиот дизајн и архитектурата ги пресликуваат во минималистичкиот моден дизајн. Концептот е фузија на уличниот стил и енергични бои, а во основата е изборот на квалитетни материјали кои се доработени со рачна изработка почитувајќи го локалното производство и традиција.
Somnium e најновата колекција со која брендот ќе се претстави на Slowscapes. Таа е реализирана во соработка сo графичкиот дизајнер Мартин Митровски.
Factory girl е млад бренд започнат во 2016та година од графичката дизајнерка Ивана Секулоска. Нејзините флуидни интереси кои се движат во различни полиња на ументоста и дизајнот, за сега земаат форма на колекција на накит од отпадни парчиња плексиглас кои дизајнерката ги користи во лични експресивни форми. Резултатот е прочистена линија на минималистички обетки и ланчиња во палета што е својствена за графичката современа уметност.
Колекцијата „Flamboyance" се состои од обетки, графички форми кои индивидуално припаѓаат на светот на современата уметност. Изработени од остатоци од плексиглас, еколошката колекција е изработена во палета од бои како белата, црната и сина.
По две годишна пауза, Јована Филиповиќ ќе ја презентира новата колекција наречена ID - entity, инспирирана од војничката униформа, значењето на униформата не само како форма и боја, туку можноста таа да даде различен идентитет, став, држење и пред се моќ и контрола.
Јована Филиповиќ креира колекции кои ќе бидат уникатни, вонвременски, носливи и пред се ќе бидат суптилен, а воедно и многу моќен, комплементарен додаток на женското тело.
Урбаниот сензибилитет на брендот отсликува елементи инспирирани од машката мода, суптилно преведени во софистицирани и лежерни парчиња со минималистички крој и чисти линии, направени од внимателно одбрани висококвалитетни материјали.
Марта Пејоска е архитект кој твори во полето на дизајнот. Основниот медиум кој го користи е сребрената жица со која создава архитектонски конципирана нослива уметност во форма на накит, а матичната техника е филигранската техника. Нејзината амбициозност и љубопитност се дел од процесот и развој како уметник, со посебен акцент на современиот уметнички накит и дизајн. Сето ова резултира со потребата од постоење на уметничка галерија за современ накит и филигран, која веке од 2014год. постои во Охрид, во нејзина сопственост и претставува значаен придонес кон континуираниот развој на македонската сцена на современ накит.
Нејзината фасцинација од основните геометриски форми и архитектонски структури ги носат минимализмот и скулптуралноста во нејзиниот израз, а од друга страна синергијата помеѓу дивата природа и урбаниот град од нејзиниот непосреден контекст ја создаваат конкретната приказна која таа ја раскажува преку својот накит.
Колекцијата ВОДА со која ќе се претстави за прв пат на Slowscapes 3 претставува уште една рефлексија на она што е нејзин предмет на инспирација и тема на истражување веќе неколку години. Многу често е присуството на водата во работата на Пејоска како дијаграм, апстрактна интерпретација или едноставно површина со сина боја. Фасцинација со овој елемент кој е и дел секојдневието на дизајнерката е претставено и во новите парчиња накит. Од линиски претстави на бранови, изведени само со сребрена жица, до цели филигрански разбранувани површини. Посебен детал во накитот е присуството на природните камења, собрани од брегот на Охридското Езеро, кои даваат поинаков израз на самото парче накит и раскажуваат една поинаква приказна за водата.
Нина Нине изработува накит од инокс (медицински челик) кој ја пренесува пораката "Биди убавина, уживај во минималистичкиот дизајниран накит од медицински челик."
Нежната прецизна рачна доработка на ова парче накит му дава меко сјаен ефект, а со комплементарноста на материјалот, дава пријатно чувство, исполување, задоволство, радост, љубов.
Aвторката Нина Нинеска која стои зад овој бренд ќе се претстави на ова издание на Slowscapes со колекцијата Simplicity.
Уметничкото ателје Петел Паун под водство на Билјана Каровска во свој фокус има впечатливи, 100% органски модни додатоци кои може да се носат во различни прилики.
Секое парче што доаѓа од работилницата е интригантно обоено со природни бои добиени од цвет, семе, корки или лисја од дрвја, најголем дел одгаени во личната градина на уметницата. Процесот на екстракција на боите не вклучува никакво користење на токсични или материјали штетни по здравјето на човекот или природата. Со оглед на тоа, секој моден додаток брендиран под Petel Paun е еколошки и оддржлив.
Во склоп на овогодишното издание на Slowscapes, Petel Paun нуди колекција на Еко принт свилени марами и zero waste eко торби и цегери.
Еко принтот претставува современа апликација на традиционални, природно-добиени бои. Диверзитетот на ботаничкиот материјал искористен при ваквиот процес на креативно обојување на текстилните материјали (во овој случак свила и памук), нуди впечатлива, динамична трансформација како на текстилните материјали така и на самиот ботанички материјал. Симултано, секој материјал на свој начин реагира на овие бои, а резултира со уникатен мимезис на употребените природни материјали и генеза на динамични форми, патерни и други детали. Улогата на уметникот е да го маневрира сиот тој процес дури се дојде до задоволителен финален креативен продукт.
Еко торби и цегери zerowaste - Секое парче од овој дел на колекцијата е 100% памучен кепер. Торбите се добиени по пат на пачворк техника, или внимателна пренамена на материјали добиени од неискористени лабораториски мантили.
Секое модно парче од новата Petel Paun колекција e уникатно и автенично. Колекцијата сама по себе ги комуницира креативните потенцијали на еко принтот, а тука нема простор за добивање на идентични копии.
"Особено сме горди на третото издание на Slowscapes, изложбата која во организација и кураторство на Лудус има за цел да прикаже квалитетен, еколошки и професионален пристап во модата и дизајнот кај нас. Се надеваме на уште еден прекрасен настан и прекрасно дружење меѓу публиката и дизајнерите." – вели кураторот на шоурумот Драган Христов.
Лудус ќе ја претстави последната мини колекција Permanent Black II издадена по повод 10 годишниот јубилеј на брендот.