И Албер Елбаз си оди од Ланван...

29 октомври 2015

Албер Елбаз си оди од позицијата креативен директор на модната куќа Ланван, по цели 14 години исклучителна работа и одлични колекции.

Израелскиот дизајнер кој му се придружи на брендот назад во 2001 – та, го направи брендот неверојатно посакуван со неговите женствени и супер луксузни дизајни.

Во модните кругови се шпекулира дека Елбаз си оди поради несогласувања со раководството на брендот, односно конкретно, со првите луѓе на брендот Шо – Лан Ванг и Мишел Хубан.

Неколку часа по објавата, на Инстаграм профилот на брендот беше објавена фотографија на дизајнерот со актерката Мерил Стрип под која беше напишано: „Те сакаме Албер!“

Во 2014 – тата година, Ланван заработи богатство од 250 милиони евра, по што следната година се случи пад на таа бројка и беше потребна дополнителна помош од други луксузни брендови и големи луѓе за да се однесе бизнисот на следното ниво. Извори блиски на брендот велат дека токму поставените високи цени од челните луѓе на брендот, му пречеле на Елбаз и имале голема улога во неговото заминување.

Но, со заминувањето на Елбаз од Ланван, следува и големата исплата што брендот треба да му ја додели на дизајнерот, како што тоа се случи со заминувањето на Николас Гескјер од Баленсијага, по што брендот му исплати 42 милиони долари.

Заминувањето на Елбаз го става на примарна позиција за местото на Раф Симонс кој пред неколку дена објави дека си заминува од Диор.

Како причина за заминувањето од Ланван, дизајнерот ја наведе одлуката на поголемиот дел акционери во компанијата, најверојатно мислејќи на сопственичката Шо – Лан Ванг.

„Моето заминување од Ланван се должи на одлука на поголемиот дел од акционерите во компанијата, а јас сакам навистина да им се заблагодарам на сите луѓе што работеа со мене на оживувањето на брендот изминатите 14 години. На брендот му ја посакувам иднината што ја заслужува и се надевам дека ќе ја пронајде бизнис визијата што му е потребна за да се придвижи напред“, напиша Елбаз во изјавата.

Објавено:
29 октомври 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
195 пати