Во модниот свет често се дискутира на тема за (не)совршенството, за тоа како се перцепира телото, анорексијата, plus-size моделките итн. Во овој контекст оди и следнава приказна.
Кејти Пајпер е девојка од Англија која сонувала да стане модел. Едно време и почнува да го работи тоа, но, во пред седум години, нејзиното поранешно момче ја напаѓа со киселина, која и' го оштетува телото и остава белези, а и ослепува на едното око. Процесот на опоравување е долг и макотрпен, вклучува 40 операции и пластична маска која ја носи со денови.
Сепак, силната волја и здравиот дух на оваа девојка и' помагаат да ја преброди трагедијата и уште повеќе, да започне да го остварува својот сон.
Таа одлучува да направи своја модна колекција, а за манекенки да ангажира девојки кои исто така имаат некој вид „несовршеност“ на телото.
-Соработувам со The Ideal Home Show и Models of Diversiti, а сите девојки што се појавуваат во улога на манекенки се од мојата фондација „Кејти Пајпер“. Целиот проект е неверојатно возбудлив. Не се работи за обид да изгледаме совршено, туку да размислуваме позитивно и да бидеме најдобрата верзија на себеси. Не е важно како изгледате, туку да го живеете животот со полна сила - вели Пејпр.
Една ревија е веќе одржана, а се очекуваат уште три и тоа две овој месец, на 20 -ти и 21 -ви март и уште една на 3-ти април. Манекенките што тогаш ќе се појават на модната писта, отворено ќе зборуваат за своите несигурности и несовршености, независно дали се работи за висина, тежина, боја на коса, проблем на кожата и слично.
-Кога ќе ме видите, можеби сметате дека мојата несигурност е белегот што го имам на лицето и вратот, но не - всушност, мојот „проблем“ е висината, би сакала да сум малку повисока - додава Кејти.
Воедно, таа ги повика сите што сакаат да прошетаат по модната писта и да зборуваат за својата несигурност, преку Твитер да постават своја фотографија со хаштаг #KatiesSecret.
Инаку, веќе одамна Кејти излезе од сенката на анонимноста, па сега покрај тоа што е активистка, работи и како тв-презентер, а остварена е и како мајка. Во 2009 година го снима документарниот филм Katie: My Beautiful Face, каде отворено зборува за се' што поминала.
Исто така, беше дел од шоуто на Наоми Кембел од последната лондонска модна недела, „Мода против Еболата“ што е нејзино прво појавување на писта после операциите.