Ивана Кнез: Модата е луксузот на современото доба, колачите кои следат после лебот

4 мај 2021

Неодамна имавме можност да посведочиме на интересна модна приказна од домашната модна сцена. Имено, магазинот „Глорија“ ја пренесе веста за тоа дека првата дама на Хрватска, Сања Мусиќ Милановиќ носи впечатлив бисерен ѓердан од македонска дизајнерка со хрватско потекло - Ивана Кнез, направен специјално за неа.

фото: facebook.com/ZoranMilanovic

Како пренесува магазинот, првата дама секогаш бира впечатлив накит, кој во дневни варијанти е примерен и елегантен, а во формални пак е авангарден, важн и импонзантен. 

„Не може секој да носи таков накит. Такви statement парчиња можат да ја засенат дури и самата личност која ги носи, а накитот никогаш нема таква цел. Тој има свое значење, убавина, совршен додаток на она што го носите, а минимализмот вешто го претвора во интересна авангарда. Затоа, за одредени парчиња е потребна силно изразена личност, која секако ја има и првата дама на Хрватска“, вели дизајнерката во  интервјуто за „Глорија“.

фото: facebook.com/ZoranMilanovic

Ова беше повод да поразговараме со дизајнерката за тоа што друго се случуваше, на креативен план, во изминатиов период, кога светот се соочи со пандемија.

На што работевте последнава година, во време на пандемијата и што Ве инспирираше?

-Потреба пред дегустација, намена пред луксуз. Како и секој дизајнер, морав да се прилагодам на потребите на потрошувачите. Разликата е во тоа што мојот бренд упорно се обидува да внесе љубов и позитивна енергија во секојдневието на конзументите. Јас и мојот тим се надеваме дека секое наше парче ќе најде совршено место во ормарот на секоја девојка и дека истото ќе ви донесе тон позитивна енергија за засекогаш.

Колкав данок зеде пандемијата на светската и домашната модна сцена според Вас? Што добивме, а што изгубивме?

-На додадена вредност дуплирано по загуба. Во време каде секојдневно се дебатира за опстанок, модата завзема споредно место во светот и кај нас, но најде начин да виртуелно излезе надвор од маргините на реалните потреби и да завземе позиција на виртуелна класификација на потреба и луксуз.

Какви се Вашите очекувања за модната сцена во Македонија во периодот кој ни претстои?

О-чекувањата ми се насочени кон подобрување на економската состојба на нашата држава пред се. Модата е директно врзана со статусот на граѓаните, а кај нас години наназад тлее една доза на нереализираност и незадоволство директно врзано со политичките струи во Македонија. Се надевам на подобро утре како секој граѓанин на оваа земја, утро каде секој од нас ќе има причина за будење и живот, а не преживување. Со тоа веќе ќе има и простор за мода.

фото: @lovecatsoriginal;

Што сметате дека треба да се промени за Македонија да ја врати својата модна сцена или оптимистички гледано, да ја изгради одново стремејќи се уште повисоко од она ниво пред новото нормално?

-Апропо предходното прашање, кај нас животот се сведува од денес за утре, од матурска до свадба. Немаме континуитет на заработка и со самото тоа, се тоа што се дефинира како цивилизиран конзумеризам се сведува на акциски побарувања и попусти, се заради можностите на примањата.

Тоа што е најважно за да можеме да продолжиме напред, е да се воведе фокусирана категоризација на платени професии, подобрување на работните услови за секој граѓанин, а понатаму можеме да разговараме за мода. Знаете, модата е луксузот на современото доба, колачите кои следат после лебот. Жално е што голем дел од народот кај нас е во состојба да го прескочи главното јадење само за да дојде до десертот, се заради лажниот статус. Има многу работа, но јас сум непоправен оптимист, верувам во подобро утре и поубава иднина за секој од нас.

Објавено:
4 мај 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
566 пати
Тагови: 
Ивана Кнез мода