Каква боја е фустанот на фотографијата?

27 февруари 2015

fustan 2

Интернетот од вчера гори од дискусија за оваа фотографија. „Дечки, помогнете ми, дали овој фустан е со бело и златно, или пак со сино и црно?“ напиша една девојка на Tumblr, каде е поставена фотографијата.

Многу од луѓето се потрудија да ѝ го дадат точниот одговор, секако според тоа што го гледаат. Истото го направивме и ние во редакција. И додека едната половина од нас гледаше сино-црн фустан, другата гледаше бело-златен, а некои и двете комбинации на бои. И сите меѓусебно се убедуваме дека другиот не гледа убаво.

Според квизот на Buzzfeed, две третини од луѓето го гледаат бел со златно.

Истото се случило и во редакцијата на сајтот Vice.com, по што одлучиле да консултираат експерт за бои и да ја разрешат дилемата на стотици луѓе, кои се прашуваат дали е сè во ред со нивните очи.

Исото прашање, која боја е фустанот му е поставено и на Др. Џеј Најц, од Универзитетот во Вашингтон, а тој одлучил да праша еден од студентите што работел во неговата лабораторија, што гледа, по што студентот му одговорил „Сино и црно“.

Зошто ова се случува?

-Не знам, ова е едно од најфасцинантните оптички илузии што сум ги видел некогаш – одговорил Др. Најц, кој ги истражува боите и оптичките илузии со бои веќе 35 години.

На втората фотографија, кога девојката го носи овој фустан, кај никого нема дилема дека тој е сино-црн.

fustan 3

Некои од луѓето, вклучувајќи ме и мене, не успеавме да ја видиме сино-црната верзија на фустанот, сè додека не ја видов втората фотографија.

Невробиологот Бу Лото за време на една ТЕД конференција посочи дека сензорната информација е безначајна ако нема контекст и дека човечкиот мозок не се развил да го гледа светот каков што е, туку како што било корисно да го гледа во минатото.

Иако Др. Најц беше збунет поради тоа што се случува, тој постави неколку теории.

Првата се однесува на тоа дека, различниот начин на кој што гледаме има врска и со годините. „Леќите на очите се менуваат со годините, па како старееме се помалку сме чувствителни на синото светло, односно боја“. Тоа може да го објасни моментот што Најц го видел фустанот бел, а неговиот студент син. Но, во нашата редакција има млади луѓе, што го видоа фустанот само бел, така што оваа теорија се покажува како неточна.

fustan 1

Подобра е онаа што вели дека се работи за осветлувањето. Луѓето се „опремени“ со нешто што се нарекува „контрасност на боја“, што значи дека црвената боја останува црвена, без разлика дали осветлувањето е светло или темно. Но, нешто чудно се случува ако осветлувањето е обоено.

-Ако влезам во соба и пуштам светло што е комплетно црвено, некои бели предмети ќе го рефлектираат тоа црвено светло. Но, ако имам црвени предмети, тогаш и тие ќе го рефлектираат црвеното светло. Кога мозокот се труди да процесира каква боја е некој предмет во просторија со црвена светлина, тој најверојатно ќе каже дека предметот е бел, дури и ако на нормална светлина е црвен – вели Најц.

Веројатно тоа е она што се случува на фотографијата. Таа е фотографирана во синкасто светло, што прави вашиот мозок да мисли дека фустанот е вусшност бел. И тоа има смисла. Она што нема смисла, односно не е јасно е зошто кај некои луѓе мозокот перцепира дека фустанот е бел, но кај некои дека е син.

-Генерално, вие гледате различно од личноста до вас, но ова е голема разлика – потврдува докторот.

Како и да е, дилемата и кај нас останува. Која боја вие ја гледате?

Објавено:
27 февруари 2015
Категорија: 
Актуел