Со наслов „Нова Година – нов почеток!" Македонската филхармонија вчеравечер го одржа својот последен музички настан за годинава.
Со надеж дека на овој начин ќе се отпочне ново и поубаво поглавје во животот на сите граѓани и љубители на музиката, традиционалниот концерт за новогодишните празници донесе позитивна нота и оптимизам.
Истиот можеше да се следи и онлајн, а за совршеното музичко уживање се погрижија Џон Илија Апелгрен, Калина Велковска, Сара Мејс, Дејан Бобиќ и Полина Тасева.
Велковска на сцената се појави во креација на домашниот етаблиран бренд Елена Лука, кој за овој настан ја дотера во раскошна несекојдневна креација што сосема соодветствува на нејзиниот раскошен талент и уметнички израз.
Се работи за комплетно рачно изработена креација, за која како велат од модната куќа, биле потребни повеќе од 200 часа работа. Фустанот е изработен во исклучително деликатна мулаж техника, која го прави вистинско уметничко дело.
Прерамките во горниот дел, кои дополнително се збогатени со рачно изработени гранчести форми, се покриени со рачно везени кристали. Здолништето е во сирена крој и странично со транспарентни елементи, кој внесува и доза смелост.
Така, оваа несекојдневна, свечена креација, добива совршена нота на луксузност, која е соодветна за ваков тип на празнични концерти и е дел од препознатливата естетика на брендот.
Непосредно пред концертот, Калина ни ги сподели своите впечатоци од соработката со тимот на Елена Лука.
„Некој сум што секогаш води сметка за тоа како изгледа. Но, кога си дел од алтернативната сцена, тоа честопати значи да бидеш сам свој мајстор за сè. Досега сум немала шанса да соработувам со дизајнерска куќа и морам да признам дека е одлично кога имаш тим кој е професионален и кој комплетно ќе се погрижи за тоа како ќе изгледаш на сцена. Сум настапувала на Виенски бал, на корпоративни свечени настани итн, но и тогаш сум се потпирала на помошта на пријателите. Ова е првпат некој професионално да се погрижи за тоа.
Ми беше ново искуство и испробав мноштво фустани кои за мене беа специјално донесени од ателјето на Елена Лука во Струмица. Навистина ми беше драго што имав можност да го искусам сето ова, посебно бидејќи беше и наше запознавање. Дополнително, имав среќа Елена да знае за мене, да ја следи мојата работа. Беше запознаена со „Kally's Music Challenge“, како и настапите на „The Voice", така што имав голем бенефит да биде и мој фан и професионалец кој ќе се погрижи за тоа што ќе носам“, истакна пејачката.
Таа додаде дека одлуката за крајниот избор на креацијата во која ќе се појави на концертот, ја донеле заеднички, што посебно ѝ значело.
„Тимски играч сум, имам почит кон сите што се дел од тимот на Елена Лука и кои ми помогнаа заеднички да го направиме изборот. Со оглед на тоа дека се работи за празничен концерт, кој е со џез нота, интимна атмосфера, се одлучивме изборот да е фустан со сирена-силуета и со мошне впечатливи детали во горниот дел, кој совршено соодветсвува и на настанот и на песните“, објасни Калина.
А задоволството од оваа соработка која ветува, го сподели и сопственичката на модната куќа, Елена Лука.
„Исклучително се радувам што оваа 2020 ја завршуваме со прекрасни празнични и модни приказни. Чест ми е што имавме можност да се погрижиме за изгледот на Калина на новогодишниот концерт. Таа е вистински професионалец, прекрасна девојка, која одлично умее да ги носи нашите креации, во што секако влијание има и уметничкиот сензибилитет, затоа мене и целиот тим ни беше задоволство да се погрижиме за нејзиниот сценски изглед.
Одбравме несекојдневна, елегантна и уметнички мошне вредна креација. Се работи за парче во кое се вложени стотици часови рачна изработка, за дизајн кој сосема соодветствува на една зимска приказна и кој со себе носи огромна уметничка тежина. Квалитет и авангарден моден израз се едни од постулатите на нашето работење, а оваа соработка не беше исклучок. Ваквите креации можат да ги носат жени што се сигурни во себе и кои имаат став, а Калина е дефинитивно таква. Ние како модна куќа го препознавме тоа и сметам дека ова е почеток на една одлична соработка“, изјави г-ѓа Елена Пандева, сопственик, генерален менаџер и водечки дизајнер на Елена Лука.
Резултатот е уметничка композиција од совршено блескав сценски изглед и звук.
Инаку, музичкиот настан во Македонска филхармонија беше несекојдневен концерт, кој во една вечер ги спои класиката, традицијата и џезот.
„Ми припадна честа да изведам две одлични композиции. Втората, со која всушност и се затвори концертот е едно комплексно дело кое го изведувам со моите колешки Сара и Полина и Џон Илија Апелгрин. При изведбата беше потребно ние три да звучиме исто, што беше посебен предизвик и многу возбудливо за мене како изведувач. Со оглед на тоа дека имам фантастични колешки, тоа звучи одлично и жалам што немавме целовечерна дружба и со публиката, која верувам уживаше“, посочува Калина.
Концертот се реализира во соработка со ЗЏМ, а диригент беше Џијан Емин.
фото: Маја Аргакијева