Новата кампања на брендот „Сен Лоран“ предизвика многу внимание, но не баш во позитивна смисла. Повеќе од 50-тина луѓе го изразиле своето незадоволство од фотографиите, кои ги „красат“ излозите во Париз.
Тоа беше доволна причина Француската агенција за регулација на јавните огласи (Autorité de Régulation Professionnelle de la Publicité) да побара од модната куќа да ги смени визуалите на кампањата, која ја прогаси за „понижувачка“ за жените.
-Го замоливме брендот да направи измени во фотографиите што е можно побргу. Не сум сигурен дека женските клиенти на брендот би сакале да се поврзат со тие визуали. И претходно имало во модата сличен вид на порно шик, што сметаме дека не е соодветно – вели застапникот на агенцијата, Стефан Мартин.
Тој не прецизираше за какви измени точно се работи, но додаде дека прикажаните фотографии не ги почитуваат стандардите на огласување и го негираат „достоинството и почитта при репрезентација на личноста“.
Исто така, примедбите одат и на сметка на премногу слабите девојки, што би можело да има лошо влијание на младите генерации.
Кампањата ја осуди и феминистичката група „Osez le feminismе“ (Осмели се да бидеш феминист), која подтекстот на фотографиите го смета за „исклучително насилен“.
Инаку, ова не е првпат брендот да се соочува со вакви проблеми. Во 2015 исто така имаа провокативна кампања, каде во фокусот е исклучително слаба манекенка, а која беше забранета во Британија.
Дали тимот на брендот ќе се согласи да направи измени и каква ќе биде разврската на ситуацијата, останува да видиме.