„Ќелавата“ елка на Рокфелер, сијаличките и малото бувче

4 декември 2020

Насловот веројатно ви звучи како некоја басна, но навистина, годинашното осветлување на најголемата елка во Њујорк, ја следи интересна приказна.

Пред нешто повеќе од две недели пред Рокфелер центарот од државата Њујорк, стаса новата новогодишна елка, која годинава е висока дури 23 метри и е подарок. Од компанијата „Тишман Пејер“ во чија сопственост е Рокфелер центарот, соопштија дека се горди што и во време кога владее пандемија на корона вирусот и кога некои други традициоанлни манифестации во Њујорк се откажани, оваа сепак ќе се одржи.

Првите фотографии од елката беа инспирација за корисниците на социјалните мрежи, бидејќи за разлика од оние од претходните години, оваа изгледаше оскудно, па ја нарекоа и „ќелава елка“.

Рокфелер центарот на „Твитер“ објави фотографија со коментар „Нека започне сезоната на празници“, но почнаа и коментарите.

„Новогодишната елка на Рокфелер е токму како и ние, навистина поминала низ се' и сешто оваа 2020 година“, „Знам дека е 2020 и дека се' е ужасно, но елката на Рокфелер центарот би требала да биде многу погуста“, „Елката е буквално олицетворение на годинава. Сосема прикалдно“. „Го потсетува ли елката на Рокфелер центарот на онаа на Чарли Браун“, се само дел од коментарите.

 

Сепак, имаше и такви што посочија дека изгледот се должи на цврстото врзување на елката при транспорт и дека за некое време таа ќе ги ослободи гранките и со сијаличките ќе изгледа прекрасно.

И навистина, на вчерашното традиционално палење на светилките, елката изгледаше спектакуларно. 

Но, не само што ги ослободи гранките, ослободи и едно бувче. Имено, меѓу гранките било заплеткано и вработените го пронашле. Бувчето било дехидрирано и гладно, но без повреди. Му бил овозможен преглед од ветеринар, храна, а од неодамна е вратена во дивина, во местото од каде што и било дојдено.

 

 

 

 

 

 

Објавено:
4 декември 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.035 пати