Клер Вејт Келер си заминува од Живанши!

13 април 2020

Клер Вејт Келер си заминува од позицијата креативен директор во Живанши!

По три години на чело на брендот, дизајнерката која беше прва жена на оваа позиција, си заминува поради завршувањето на работниот договор, WWD ја пренесува информацијата без да се наведат други детали.

Келер ја презеде водечката функција во Живанши во 2017 година како замена на дотогашниот креативен директр Рикардо Тиши, носејќи една нова женска енергија во модната куќа, која на светот му се допадна.

Еден од најблескавите нејзини моменти во францускиот бренд, што го сврте вниманието на целиот свет кон неа, беше дизајнот на венчаницата на Меган Маркл, искуство за кое вели дека ја прави горда.

„Фокусирањето на свет кој што е базиран на висока мода, за мене беше еден од најсветлите моменти во моето професионално патување. Искусив толку многу неверојатни моменти со брилијантните дизајнери во тимот на Живанши. Вашиот вонсериски талент и посветеност засекогаш ќе ги паметам. Од срце им благодарам на сите херои и хероини што работат зад сцената, на секој член на тимот и на сите партнери и снабдувачи", изјави дизајнерката за WWD.

Нејзина последна колекција за брендот беше линијата за сезоната есен-зима 2020, што беше промовирана во март во Париз.

Пред да дојде во Живанши, Келер шест години беше креативен директор на модната куќа Клое, а која е нејзината следна професионална дестинација, сè уште нема информации.

Фото: Harper's Bazaar/Getty images

 

Објавено:
13 април 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
351 пати