Кога годините се само број...

14 јануари 2015

Годините не се ништо освен само број кога станува збор за модната индустрија и неодамнешните рекламни кампањи. Носечките улоги во пролетните фотографски приказни за 2015 година на Сен Лоран и Селин им беа доделени на Џони Мичел и Џоан Дидион, додека во кампањите на големите козметички гиганти во главните ролји ги видовме Хелен Мирен и Џесика Ланг. Модните експерти ова го дефинираа како позитивна промена, опсесија со повозрасните диви, носталгичен дизајнерски потег и блага закана за младите модели чие време допрва доаѓа.

Следниот дизајнер кој им се приклучи на армијата креатори кои во своите кампањи се одлучија да ангажираат повозрасни модели е Алексис Битар, кој одлучи кампањата за својата нова колекција накит да ја предводи легендарната Ирис Апфел.

Овој месец реномираниот бренд за накит од Њујорк, за својата пролетна кампања ја избра 93 – годишната модна икона Ирис Апфел и 18 – годишната модна блогерка, уредник и актерка Тави Гевинсон. Двете дами изгледаат навистина блескаво позирајќи пред фотообјективот на Тери Тсиолис. Можеби оваа одлука на Битар и не е неочекувана, ако се земе во предвид фактот што тој секогаш во реализацијата на рекламните кампањи поставува нови необични стандарди кога станува збор за убавината и возраста.

Алексис Битар Алексис Битар

„Во однос на модната индустрија, наша таргет група на жени се претежно оние над 35 години. Суштината на кампањата е да се долови силата на жените без разлика на возрасниот јаз. Тави е толку силна, свежа и светла, додека Ирис, ми е пак како мајка и можеби токму тоа беше и главната причина што досега не сум ја ангажирала во некој ваков проект. Сметам дека сега беше вистинското време и задоволна сум“, изјави Битар за WWD.

 

Објавено:
14 јануари 2015
Категорија: 
Актуел