Тринаесет дизајнери од Европа, Америка и Азија беа учесници на првото интернационално 3D модно шоу викендов во Дизелдорф дел од Platform Fashion, во организација на Voxelworld. Покрај светските имиња Janne Kyttanen, Alexis Walsh, Behnaz Farahi беше и Ирина Тошева со колекцијата „Риза" изработена во соработка со архитектот Никола Кунгуловски и MK3D printing. 3Д технологијата на печатење овозможува создавање на тродимензионален објект преку слоевито печатење. Во последниот период ја наоѓа својата примена во модата.
Тамошната критика се изјасни дека колекцијата е одличен пример како 3Д печатењето може да се искористи за носливи модели. На присутните колеги дизајнери им остави впечаток поврзаноста на колекцијата со традицијата, затоа што вообичаено оваа технологија се поврзува со научната фантастика.
„Горди сме што успеавме новите развојни трендови во модата да ги создаваме и кај нас. Беше голема чест да се биде дел од овој настан, покрај светски докажани дизајнери во 3д печатењето." – изјави Тошева веднаш по ревијата во Дизелдорф на која присуствуваа над 600 посетители.
„Овој важен настан за нас беше тест на светскиот пазар. Сега знаеме дека се движиме во соодветната насока "– изјави Кунгуловски.
Колекцијата „Риза" е модерен превод на традицијата, нудејќи ново читање на ризницата национални ракотворби со користење на најновите технологии за тродимензионално печатење. Беше претставена на Моден викенд Скопје и Prishtina Fashion Nights во Косово во април.