Дизајнерката Олгица Ѓоргиева беше дел од првата вечер на 13 – тото издание на Моден викенд Скопје со нејзината колоритна колекција едноставно наречена „Senses“.

Сосема во нејзин стил, Ѓоргиева им понуди на дамите задоволство од креации во кои најдоминантна беше црвената боја како една од најпосакуваните оваа пролет.

Како што самата ќе каже, инспирација за оваа колекција е животот претставен преку сетилата на нашата душа, каде како главен мотив се среќава цветот и црвената боја.

„Најдоминантна е црвената боја, потоа белата, зелената и црната. Што се однесува до материјалите, користев стилизирани и облагородени материјали како жоржет, памук и сл. Употребував техники на рачна доработка која е карактеристична за мојот стил на работа“, вели дизајнерката за Fashionel.

Како и секогаш, нејзината таргет група се жени со минималистички израз, кои акцентот го ставаат на суштината на животот.

„Истовремено, колекцијата е богата со елегантни, женствени и моќни креации“, додава Ѓоргиева.

Прикажувањето на колекцијата таа го започна со романтично пролетно капутче со рачно извезени цветни детали и шармантна панделка на средината, за да продолжи во сличен ритам со нежни фустанчиња од тантела со бохо моменти и рачна доработка.

Она со што таа ги освежи парчињата беа ресите како хит додаток за сезонава, бомбер јакните со уникатен принт и колор блок парчињата.

Интересни беа и фустанчињата со длабок шлиц во темно сина боја изработени како комбинација од кадифе и свила, но и комбинезоните без ракави со реси во долниот дел.

Фризурите на девојките дефинитивно оставија впечаток, благодарение на хит плетенката кај патецот чиј предвесник беше прекрасната Кејт Босворт.

Објавено:
2 април 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
720 пати