Етаблираниот македонски дизајнер со свое седиште во Лондон, Марјан Пејоски кој се потпишува зад етикетата KTZ, традиционално својата колекција за сезоната пролет-лето 2015 ја презентираше во рамките на тековната Лондонска модна недела.
Преку црно-белиот контраст кој е перманентна нишка проткаена низ колекциите на Пејоски, овој пат тој создаде футуристички приказ на минатото.
Црните фустани послужија како платно на кое преку богато навезени рамки беа редефинирани античките портрети во модернистички крупни принтови, а мешавината од историски елементи ги спои различните култури и временски периоди на кои Пејоски им даде футуристичка инерпретација.
Ако антиката беше забележана преку релјефните принтови, тогаш источната култура доби своја современа верзија со модифицираните шапки карактеристични за јапонската традиција.
Маисвниот накит дополнително ја облагороди колекцијата со впечатливите златни алки и токи кои на спортско-футуристичката визија и дадоа благородничка насока.