Топ моделот од 90-те, Линда Евангелиста (57) е на насловната страница на септемвриското издание на британскиот Вог.
Со овој ангажман таа прв пат се појавува на насловна страна по подолг временски период, откако од 2016 година живееше повлечено, далеку од јавноста поради последиците од неуспешниот козметички третман CoolSculpting.
Но, откако годинава таа јавно прозборе за проблемот со кој се соочува (масни грутки по телото и на лицето, како нуспојава од третманот), Линда повторно се активираше во модниот свет, прво со кампања за Фенди, а сега со фотосесија и насловна страница за Вог.
Евангелиста позира пред објективот на познатиот фотограф и нејзин долгогодишен соработник, Стивен Мајзел.
Ќе забележите дека на сите фотографии носи марами и шешири, што не е случајно и не е само стилски избор што го направил Едвард Енинфул, главниот уредник, туку имаат за цел да ги прикријат лепенките со кои ѝ е затегнато лицето.
Во рамките на едиторијалот, супермоделот сними и видео во кое коментира дел од нејзините легендарни изгледи.