Не постои моден бренд, односно дизајнер што не прави кастинг и фитинг пред да реализира кампања или ревија. Тоа е важен дел од процесот, бидејќи создавате претстава за тоа кој модел би можел да се вклопи во приказната и да ја носи облеката на начин на кој дизајнерот го има замислено.
Сепак, младата дизајнерка Мајна Сиси покажа дека може и поинаку да се работи.
Таа креира долна облека и има свој бренд наречен „Underargumend“ и испишува нова историја во модата.
Имено, Мајна никогаш не организира кастигн за моделите за нејзините кампањи за долна облека. Она што е во нејзиниот фокус е приказната која ја носат со себе. На крајот, сака резултатот да бидат фотографии кои ќе прикажат жени со кои можат да се идентификуваат и други жени, а воедно сите тие да се почувствуваат убаво и прифатено.
За дизајнерката пишуваше и „Гардијан“ уште пред две години, каде таа го употреби терминот „антикастинг“ и објасни дека користи метод „избор на слепо“.
Сиси, која освен што се потпишува зад дизајнот на долната облека, се потпишува и зад фотографиите, бара од жените да ѝ ги пратат нивните приказни, поврзани со темата на колекцијата, како на пример „Перфекционизмот на 21 век“ или „Што денес се смета за реално“, „Здрави односи“ и слично...
View this post on Instagram
Таа сака да не се сведе сè само на фотографија, туку да понуди и подлабоко значење и приказна.
„Пораснав во Нормандија, а во 2008 година се преселив во Британија. Работев во областа на маркетингот и така се роди идејата за „антикастинг“. Со оглед на тоа дека и самата спаѓам во малцинство, забележав дека брендовите сакаат да ја „покријат“ различноста, така што ќе најмат црн модел или плус-сајз девојка. Почувствував дека можам да отидам чекор подалеку и да му го покажам на светот вистинското значење и прифаќање на различноста“, објаснува дизајнерката.
Откако ќе ги прочита приказните, одбира кои од жените ќе се најдат во нејзиното наредно сликање, без притоа воопшто да ги види. На крајот, фотографиите се објавуваат заедно со приказните.
View this post on Instagram
На овој начин, таа сака да придонесе жените гордо да гледаат на своите тела, да се радуваат што се различни една од друга на секој можен начин - во однос на сексапилот, појавата, потеклото, идентитетот...
Ако подетално го разгледате инстаграм профилот на дизајнерката, ќе забележите дека сите приказни се реални, а некои предизвикуваат навистина силни емоции.
Семејно насилство, анорексија, неприфатени професии, белези се само дел од приказните кои жените ги споделуваат со Мајна.
View this post on Instagram
„Конечно знам што значи да се сакаш себеси. Тоа значи да ти е удобно во кожата во која што си и да не чувствуваш срам за тоа како изгледаш. Да се чувствуваш добро со желбите што ги имаш и со тоа што сакаш во животот. Да се сакаш себеси значи дека си способен да ги прифатиш и комплиментите и отфрлањата, затоа што знаеш дека вредиш. А кога знаеш дека вредиш, можеш да поставиш граници во односот со другите луѓе. Никогаш нема да се потцениш или да дозволиш неубаво однесување од пријател или парнер“, е дел од приказната на Стефани.