На 30-ти мај на Школка во Градскиот парк со почеток до 17 часот ќе се одржат првите Македонски алтернативни награди. Организаторите, Бла Бла ТВ велат дека ова е можност за првпат луѓето кои долги години работат на авторска алтернативна музика конечно да добијат признание за своето делување и музика.
Ќе бидат доделени 30 награди и тоа на повеќе бендови, издавачи, новинари, продуценти, 103-ка радио, како и институцијата Младински Културен Центар.
Исто така, наградени ќе бидат и С.А.Ф, Чиста околина, АГО (МоустВантед , Темната страна), ДА Џака Накот (Легијата), Ласт Експедишн, Мизар, Архангел,Бернајз Пропаганда, ПМГ Колектив, Анастасија, Санаториум, Смат, К.У.Р., Лоши Деца, Мозаик, Сашо Гигов Гиш (Ле Колон Волвокс), Конкверинг Лајон, Супехикс, Бла Бла Бла, Кирил Џајковски, Гуру Харе, Фолтин, Мугер Фугер, Канал 103, Фрешко, Шурбе, Логин (Пасворд продукција), ПМГ Рекордингс, Мите Домовски (Проуцент, студио Тра Ла Ла).
Наградите ќе бидат со идентична назнака, „За особен придонес и развојот на македонската алтернативна музика.
Манифестацијата ќе трае до раните утрински часови, а покрај наградените, за добрата атмосфера ќе се погрижат и други македонски бендови, диџеи и артисти.
Присутните ќе уживаат во професионално озвучување и осветлување, а ќе бидат поставени и пунктови за продажба на пијалоци, со популарни цени (30 денари, 50 денари), како и пункт за продажба на музички албуми, маици, беџови и секаков материјал од бендовите.
За оние што покрај музиката сакаат да уживаат и во храната, ќе биде поставен и пункт за храна.
Од организацијата додаваат дека целта на Македонските алтернативни награди е да станат традиционални. Замислата е веќе од наредната година да има гласање за најдобар албум, сигнл, видео-спот, млад бенд во повеќе различни жанрови и категории.
Сите љубители на алтернативната и добра музика имаат отворен повик да бидат дел од овој настан на 30-ти мај.