МАРС 2014 во знакот на јубилеите

7 ноември 2014

Седмото издание на популарниот „Македонски радиски фестивал – МАРС 2014“ ќе се одржи на 25 ноември во Универзалната сала која и оваа година традиционално по седми пат е во улога на продуцент и организатор на истиот со финансиска поддршка од Град Скопје. Изборот на најпопуларните радиски хитови за оваа година како и досега ќе се биде реализирана по пат на селекција од страна на 40 локални, регионални и национални радио станици ширум Македонија. Само петнаесет највртени композиции ќе се најдат во финалната вечер на МАРС 2014. Во прекрасните мелодии и рефрени нема да може да ужива само публиката која ќе дојде да биде дел од ова седмо издание, туку и гледачите бидејќи Македонската Радио Телевизија ќе врши директен пренос од фестивалот.

„ Задоволство ми е што по седми сме овде и се надевам дека ќе останеме и понатаму. Во името на Град Скопје како главен покровител на фестивалот да изразам голема благодарност бидејќи без нивните финансиски средства тешко оти ќе го направиме. Благодарност на вас медиумите што секогаш не подржувате и правите овој фестивал и оваа година да биде популарен да имаме што е можно повеќе посетители и да бидат задоволни и публиката и изведувачите. Се надевам дека супер ќе си поминеме и оваа година“, кажа на почетокот од пресот директорката на Универзална сала, Вера Бошковска .

Покрај изведувачите од македонската естрада на сцената ќе можеме да ги видиме и хрватската поп дива Нина Бадриќ, на која ќе и биде доделена наградата „Ѕвезда од соседството“,  црногорскиот срцекршач Бојан Маровиќ и нашиот X – фактор, идол Даниел Кајмакоски.

„Нина беше најголемиот фан и поддржувач на нашиот Даниел Кајмакоски, кога тој се натпреваруваше во регионалното шоу X-фактор. Таа и Даниел неодамна заедно во дует ја отпеаја неговата песна „Један од многух“. Освен тоа Нина редовно ја опсипува со пофални зборови нашата Елена Ристеска која се натпреварува во шоуто „Твоето лице звучи познато“. Сметам дека ова се доволни причини за да ја видиме Нина како специјална гостинска на годинешниот фестивал – изјави Антонио Димитриевски.

Годинешното издание на МАРС е посветен на јубилејните 70 – години од ослободувањето на градот Скопје, што впрочем е и главниот финансиски подржувач на фестивалот сите седум години. По тој повод и вториот специјален гостин, шармантниот Бојан Маровиќ не е случајно избран да биде дел од фестивалската магија на МАРС 2014.

„Бојан точно пред десет години токму во оваа Универзална сала го одржа својот прв голем солистички концерт. Од Скопје стартуваше неговата кариера, а неговите гостувања беа мошне чести не само во метрополата, туку и низ земјата. Тој оваа година слави јубилејни десет години од одржувањето на својот прв концерт. Што се однесува до Даниел, тој е нашата национална гордост и допрва треба да покаже и докаже дека овој негов успех не е случаен, додаде Димитриоски на денешната прес конференција која се одржа во Универзална сала.

Организаторите открија дека Наградата за трајни вредности ќе му биде доделена на Александар Митевски кој според советот на фестивалот и претставниците од радио станиците го има отпеано најубавиот македонски евергрин посветен на Скопје. Награди ќе се доделуваат и во категориите: радиски поп хит, радиски поп рок, односно рок хит, радиски рап хит, радиски хит испеан од женски вокал, радиски хит испеан од машки вокал , радиски хит испеан од група и најслушана радиска балада.

Годинешниот водителски пар ќе бидат Марија Петровска и Ване Марковски кои на сцената и оваа година ќе блеснат во уникатните гламурозни креации на единствената етаблирана модна куќа во земјата, Елена Лука.

Македонскиот радиски фестивал со својот квалитет го задржа епитетот парада на најпопуларните македонски музички ѕвезди кои во една вечер нудат плејдана на најслушаните хитови во 2014 година.

Објавено:
7 ноември 2014
Категорија: 
Актуел