Девојчето Меделин Стјуарт со Даунов синдром што сака да стане модел ѝ стана веќе добро поознато на светската јавност. Нејзината искреност, желба и посветеност се инспирација за многумина, а особено за онаа група на луѓе што живее со Даунов синдром.
Меделин е доказ дека чуда и денес постојат, дека желбите се остваруваат. Откако ја сними првата рекламна кампања за еден спортски бренд, го привлече вниманието и на брендот за чанти EverMaya, кои создадоа цела колекција на чанти именувани токму по Меделин, а таа ќе биде и нивното заштитно лице.
Но, оваа 18-годишна австралијанка, не мирува. Најновата информација е дека ќе биде дел од модната недела во Њујорк. Откако до неа пристигна барањето да се појави на писта на некоја од ревиите, Меделин ќе биде дел од следното издание на оваа престижна манифестација. Со ова, младата Стјуарт поставува сосема нови стандарди не само во модниот свет, туку може да се рече и во животот.
Ова беше повод и за списанието „Космополитен“ да поразговараат и со мајката на Меделин, Росан, за тоа како таа и нејзината ќерка се соочуваат со новите успеси и предизвици. Дел од интервјуто ви пренесуваме во продолжение:
Која беше првата реакција кога ги слушнавте вестите за модната недела во Њујорк?
-Кога нè прашаа да бидеме дел од оваа модна недела, не бев изненадена. Мислам дека ништо веќе не може да ме изненади. Меделин ја прашуваа да прави многу работи, па се надевав дека ќе дојде и тој ден кога ќе ја замолат да се појави на модната недела во Њујорк, всушност некако и знаев. Се надевам дека не звучи премногу претенциозно.
Не, тоа е навистина многу возбудливо.
-Така е и ќе ја одведе Медлин на следното ниво. Знам дека актерката Џејми Бруер, која исто така има Даунов синдром (Американска хорор приказна) се појави на модната недела во февруари, но таа е филмска ѕвезда, не е модел. Со Меделин е поинаку, се работи за нејзината кариера, не за инцидентно појавување, така што мислам дека учеството во њујоршката модна недела ќе биде одлична платформа за неа.
Кога Меделин за првпат се појави во медиумите, изјави дека Бруер ѝ е инспирација. Се запознаа ли тие две?
-Да, ја запознавме Џејми во Лос Анџелес. Средбата помина одлично. Таа е прекрасна млада дама. Нивото на нејзиното функционирање е на високо ниво, многу повисоко од она на Меди. Џејми е прекрасна. Не знам дали сум сретнала некоја со Даунов синдром што не е прекрасен. Тие луѓе имаат неверојатна личност. Џејми беше многу возбудена што ќе ја запознае Меди, ја следеше на Твитер со месеци. Една од првите луѓе што ја следеше Меди на Твитер беше супермоделот Карли Клос. Нели е тоа неверојатно?
Профилите на Меди на социјалните мрежи од мај па до сега се неверојатно посетени и имаат големо зголемување на членови. Како го објаснувате тоа?
-Не постои никој што „брка“ овој сон, освен Меделин. Таа го сакаше ова и напорно работеше за тоа. Направив сè што можам, од бизнис гледиште, за да ја донесам на ова ниво. Сега се сведува сè на нејзиниот шарм.
Сметате ли дека светот е подготвен за некој како Меделин да биде во центарот на вниманието?
-Светот е подготвен. Светот сака да биде инклузивен, само немаше некој на таа платформа, за да работите одат полесно. Се сеќавам кога јас бев дете и одев во училиште, луѓето беа хомофобични, а сега е да си хомосексуалец е кул! Замислете за 10 години какво ќе биде општеството за лицата со инвалидитет. Нема да биде како ова сега. Веројатно ќе биде кул да се дружите со некој што има интелектуална потешкотија, бидејќи ќе знаете дека тие повеќе се грижат за емоциите, отколку за материјалното. Сите ќе сакаат да имаат пријател кој ќе ги научи што е вистинска љубов. Кога ја родив, луѓето постојано ми зборуваа дека таа ќе мора да се стави во некоја институција, а тоа беше пред 18 години!
Како моделингот влијаеше на вашата врска?
-Кај мене не се работи за моделингот. Се работи за тоа мојата ќерка да биде среќна. Се работи за тоа да му покажеме на светот колку е лесно да се зборува со некој што има интелектуални потешкотии, колку е лесно да се разбудите до некој и да сфатите дека вие сте исти. Како што ми кажа и пред некоја минута, „Мамо, прегратка“ и скокна во кревет да ме прегрне. Во тој момент застанувам со работата и ја гушкам, затоа што тоа е тоа што таа го сака во тој момент. Ги немате секогаш тие моменти.
Какви негативни работи луѓето постираат на нејзините социјални профили.
-Генерално, нема многу непријатни работи на нејзините страници. Има неколку што кажуваат злобни коментари. Но, претходната недела беше најлоша од сите досега. Луѓето ѝ замеруваат на тоа дека не се смее доволно. Но, проблемот е во тоа што Меди неодамна отиде на ревија и научи од другите модели да не се смее. И сега кога и да види апарат го прави тој сериозен израз на лицето. Се обидувам да ѝ кажам да се смее, затоа што секој пат кога ќе постираме нешто таа не се смее, па луѓето сметаат дека не е среќно. Но, таа само се труди да биде професионална.
Почнаа ли луѓето да ја препознаваат?
-Да. Вчера снимавме во Central Park и три девојки од Австралија ни пријдоа и се сликаа со Меди. Кога бевме на Muscle Beach во Калифорнија, еден од мускулестите момчиња рече: „Не ми се верува! Тоа е познатиот модел што го гледав на телевизија! Може ли да се фотографираме?“. Навистина неверојатно.
Каде се гледа Меди за пет години?
-Пред да ја родам Меди, живеев на таков, плански живот. Но, како мала, Меди беше многу болна. Таа сè уште има три дупки во нејзиното срце и залисток, па и сега кога луѓето ќе ме прашаат: „Што ќе правите до крајот на годината“, ништо не земам здраво за готово. Освен ако немам договор пред мене или авионски билет. Не сакам да знам што доаѓа следно. Ќе ја тераме работата со моделингот сè додека Меделин ќе го сака тоа. Не можам да ја видам да не го прави тоа, бидејќи ужива да биде во центарот на вниманието, а сега станува сè попрофесионална. Но, без очекувања и предвидувања.
Кого би сакала Меделин да го знапознае или да работи со него?
-Сака да ја запознае Лејди Гага. Ги сака поп-пејачките, всушност многу сака музика. Обожува да ја гледа Елен Деџенерис. Сака да запознава луѓе. Драги луѓе.
Што е она што сакате луѓето да го научат од работата на Меди?
-Она што сакам да го научат е да не дискриминираат. Не судете за книгата според корицата. Сакам луѓето да научат да прифаќаат, сакаат и да бидат пријатни. За тоа се работи овде. Моделингот е забавен, но е само средство за да ја пренесеме пораката. Токму затоа ова што го работи е толку добро, затоа што не се работи за нас. Се работи за сите луѓе што се таму некаде и се малку различни, а им треба љубов.
Но, важно е да се видат на телевизија, модните шоу-а, јавната сцена...
-Да, но знаете ли зошто Меди толку многу ја сакаат? Затоа што таа се сака себеси. Меди вистински се сака себеси. Таа ќе ви каже дека е прекрасна. Добро, јас тоа ѝ го кажувам секој ден, но таа навистина верува во тоа. И токму затоа, нема да дозволам било кој да биде негативно настроен кон неа. Таа не разбира што е тоа дискриминација. Никогаш нема да дозволам да биде изложена на тоа. Ако можете да верувате во себе, ќе ја држите главата горе. Затоа ја сакаат Меделин. Затоа што кога ќе влезе во просторијата не суди никому. Како јас да бидам повеќе како мојата ќерка.