Микс од македонски дизајн на дводневната поп-ап продавница во МКЦ

10 мај 2014

Во галеријата на Младинскиот Културен Центар вчера беше отворен најавуваниот Super Design Pop Up Store во организација на македонската етикета „Лудус“ и дизајнерот Драган Христов. На истото место и денес ќе бидат изложени креации на македонски дизајнери и креативци што изработуваат како облека така и уникатен накит. За задоволување на вкусот на посетителите, односно консументите на македонскиот дизајн, овој настан спои 23-ца партиципиенти, како познати дизајнерски имиња, така и од оние што допрва се афирмираат.

Учество земаа неколку македонски брендови и дизајнери меѓу кои: „Лудус“, Лидија Георгиева, младата Јелкица Поповска, Mikka Design, Acidwear Girls, Bastet Noir, Елена Ристовска, Елена Спасовска, Билјана Каровска, Chic Undercowear, ATAMY & GAYA, Stilissimo, Project Time, Linija,  Илина Поповска,  Мелани Димитровска, Eklektika Jewelry,  Kapka Jewelry,Simon Angel. Најпрво поразговаравме со организаторот и дизајнер Драган Христов кој вели дека ваквите форми на презентација и тоа како и се потребни на македонската модна сцена.

-Идејата за ваков настан е воспоставена многу одамна, а првпат почнавме да ја применуваме во 2012 година, двапати во скопската чаршија, потоа во Охрид и Битола, за време на Скопје дизајн викенд, а ова е веќе седмото издание. Ваквата форма се применува од 90-тите години низ светот и е одлична можност да се најде вистински дизајн по достапни цени, а нас како бренд  „Лудус“ ни дава една поинаква димензија  кон пристапот на работата. Бројот на учесници  верувам дека  навистина го задоволува како вкусот на посетителите, така и нашиот  како организатори. Очекувам поголема фреквенција на луѓе, односно таргет група што навистина ја интересира модата  и сакаат да носат македонски дизајн. Инаку, посетителите на модната недела се сосем други потенцијални клиенти, а оние што доаѓаат тука верувам дека се со конкретна намера, изјавува Христов.

Освен изложувачите во главниот фокус секако беа  посетителите, а дел од нив ги прашавме со каква намера се дојдени и дали имаат одреден дизајнер од кој би сакале да си купат некое парче.

-Мислам дека е прекрасна идеја, скромно реализирана, но со оглед  дека е во почетоците, сметам дека е во ред.  Досега сум немал можност да си купам нешто од македонските дизајнери, меѓутоа сметам дека е супер прилика  одблиску да се запознам со македонскиот дизајн и мислам дека има избор и може да се купи некое парче. Минималистичкиот стил на Мелани Димитровска ми се допадна многу, се издвојува од другите и сметам дека има изградено свој стил кој веќе е препознатлив кај публиката, вели еден од посетителите што ги затекнавме.

-Дојдов пред се да видам што се изложуваат нашите дизајнери, ме интересираше како се изгледа, а и да видам до каде напреднала македонската модна сцена. Доколку некое парче ми се допадне секако ќе си го купам, вели уште една посетителка.

Секој од дизајнерите на својот простор за изложување имаше поставено креации за тековната сезона пролет-лето, односно тоа најчесто беа парчиња што имавме можност да ги видиме на последното издание на скопскиот моден викенд. Токму групното претставување, а не индивидуалното, дизајнерите го прокоментираа како одлична можност за запознавање на публиката со креациите во поинаква и поблиска форма, но исто така и добар начин за промоција на оние имиња што допрва градат своја кариера на модната сцена.

-Најважна е презентацијата  пред сè, креативна размена и сметам дека е многу поинтерактивно кога има вакви групни презентации отколку индивидуални, а креативната размена  според  мене е многу важна. Се претставувам со рачно сликање на свила и жоржет, претежно на марами. Позадините и самите цртежи се рачно изработени. Ова го правам периодично, ликовен уметник сум инаку по професија, а можам да кажам дека има интерес за рачно сликање на материјали, а цените се пристапни, па сметам дека секој може да си дозволи таков материјал, вели младата Каровска Билјана.

Како се движевме разгледувајќи го понуденото, ја сретнавме и дизајнерката на аксесоари Илина Поповска која освен уникатните очила изработени со дрвени рамки имаше изложено и неколку парчиња филиграни.

-Ми се допаѓа идејата, интересно е. Убаво е што се собрани  многу дизајнери на едно место. Послободна е формата, отколку на Моден викенд  и убаво е што е пристапно до купувачите. Дрвото е многу убав материјал за работа, конкретно овие рамки на очилата се изработени од црешово и ореово дрво, квалитетно истретирани. Малку се потешки за изработка, од пластичните претпоставувам, но ефектот е преубав. Одлични се за носење, пријаат на кожата и подобри се за носење отколку оние изработени од вештачки материјали. Освен тоа основната дејност ми е изработка на филигран, го изработувам околу 10 години, а пред две почнав да експериментирам и со дрво. Интересно е, поедноставна е изработката од филигранот, а и слободата на изработка е поголема, изјавува Илина.

Освен можноста да ги изложи своите креации, етаблираната дизајнерка Лидија Георгиева вели дека поп-ап продавницата е одлична можност и да се запознае со новите имиња на сцената, како и со дизајнот што го изработуваат.

-Првпат учествувам на ваков настан кај нас, направив микс и изложив неколку модели од новата колекција и неколку од минатата, повеќе со желба да го тестирам овој настан како ќе реагира клиентелата. Ми се допаѓа затоа што е некаков показател за тоа што постои на македонската модна сцена, без разлика на тоа кој колку е експониран, а ова е прилика токму за тоа. Освен што нели посетителите се запознаваат со дизајнот, еве и јас како дизајнер се запознавам со некои од изложувачите. Дизајнерите не често имаат можност каде да се експониаат, затоа ова е одлична можност која почесто треба да ја има, вели Лидија.

Исто така меѓу изложувачите беше и дизајнерското дуо Милена и Милјана Атанасови кои и на минатото издание на настанот „Прво па женско“ исто така ги изложија последните пролет-лето креации изработени во нивното ателје Атами и Гаја.

-Овојпат се претставуваме со нашата летна колекција која пред се има полелеави модели, ги разигравме со интересни принтови што  навистина делуваат освежувачки. Во нашите креации преовладуваат принтовите, везовите и колоритноста, односно најмногу го отсликуваат нашиот дизајнерски сензибилитет. Инаку, супер е што се организираат вакви настани, а луѓето што сакаат да носат македонски дизајн одблизу да можат да ги погледнат креациите. Задоволни сме од организацијата, просторот е адекватен и секако она на што најмногу се надеваме е поголема посетеност, изјавува  дизајнерката Милјана.

И креаторките на накит што се претставуваат под  името Simon Angel и Еклектика се надоврзуваат на останатите дека што повеќе треба да се случуваат настани од ваков карактер, зашто на македонската модана сцена и тоа како и се потребни во поголем број, односно иницијатива.

Simon Angel Simon Angel

-Прв пат сум на ваква манифестација. Досега не ми беше познато дека нешто вака постои. Јас како млад дизајнер, сметам дека на нашата средина и требаше нешто што ќе ги интегрира сите дизајнери од различни сфери – накит, облека, различни типови додатоци, за да можат клиентите да дојдат и да го одберат своето омилено парче. Долго време се интересирам и изработувам накит, но професионално, посериозно пристапив пред кусо време. Креативец сум и досега го правев тоа за себе и пријателите. Но, после едно патување од Франција почнав поинтензивно да работам. Направив околу 30-40 парчиња, без јасна идеја каде тоа ќе ме води. Но, ова ми излезе од рамките на хоби, бидејќи сакав да ги презентирам некаде и да го почувствувам фидбекот од луѓето. Планирам и понатаму да изложувам. Јас се занимавам со компјутерска технологија, но одлучив да се посветам на пофини работи. Прилично сум сериозна во намерата да се занимавам со ова и ќе се претставувам секаде каде што ќе има можност за тоа, вели Симона Давидовиќ – Simon Angel

-Изложив две нови колекции, едната „Hear me whisper“, поврзана е со уво, изработена од месинг и скапоцени камчиња, а втората колекција е наречена „The eye“. Секогаш се присутни парчињата од филигран, мешани со различни камења, обединети под името „Филигранија“. Ова го работам веќе 25 години, заедно со мојата мајка, Олимпија. Одлучив да направам мала промена и да се научам да работам со различни материјали како плексиглас, сребро, различни камчиња, течна пластика. Секогаш имплементирам различни елементи во накитот, поеклектично е и оттаму и името Еклектика. Инаку, во Капан Ан е моето ателје, односно работилница. Сè ова што го гледате овде ќе биде изложено и таму, таму ќе ја отворам и мојата прва галерија. Презадоволна сум од овој настан затоа што е нешто сосема различно од останатите  настани каде што сум се претставувале, додава и дизајнерката на  Еклектика.

Fashionel топло ви препорачува  во вашата денешна викенд агенда да  ја ставите и посетата на Super Design Pop Up Store во МКЦ каде веруваме дека ќе го најдете уникатното парче што ќе го задоволи вашиот вкус и секако ќе ви направи ќеф.

Објавено:
10 мај 2014
Категорија: 
Актуел