„Музика и мода“ за децата од белградското „Прифатилиште“

12 април 2017

Во Белградската филхармонија изминатиот викенд се одржа манифестацијата „Музика и мода“ која имаше за цел да се соберат средства за децата од „Прифатилиште“ во пресрет на Велигденските празници, на која учествуваа повеќе балкански дизајнери и музички ументици.

На модната ревија настапија Верица Ракочевиќ, Борис Чалиќ од Црна Гора, Ивица Скоко од Хрватска и македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева.

Во музичкиот дел свои настапи имаа пијанистите Ратимир Мартиновиќ и Александар Симиќ, композитор, Јадранка Јовановиќ, мецосопран и Јела Михаиловиќ, виолончело.

Идејата на настанот е да се поврзат докажани уметници од целиот регион и да се издигне на уште поголемо ниво уметноста и културата.

 

На настанот македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева ја промовираше новата колекција „Алтер“ за сезоната пролет-лето 2017 година, а како што самата објаснува, името е синоним за промена. 

„Преку приказната на мојата колекција, на различни начини симболично ја претставив промената и притоа испратив порака . Оваа колекција претставува продолжение на мојата претходна. Ја развив и проширив идејата со принтовите што некако станаа препознатливи за мене последните сезони. Повторно го задржав минималистичкиот стил на изразување со доработка која е карактеристична за мене. Како принт и детали се среќава книгата и пеперутката, како симбол за промена. Можеа да се видат минималистички костими, фустани со драпирани делови и рачна доработка. Доминираше белата, црната, кремот, сивата, тиркиз и црвената боја“, вели Ѓоргиева која годинава навршува 10 години од нејзината работа. 

Од организацијата посочуваат дека ова е всушност настан за кој имаат планови до крајот на годината, со истата програма да го претстават и во Подгорица, Скопје и Загреб.

Објавено:
12 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
100 пати