„Намини бар еднаш“ премиерно на Манаки

20 септември 2013

Ден пред затворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки, своја премиера имаше и краткометражниот македонски филм „Намини бар еднаш“ на младата режисерка Косара Митиќ, како нејзино деби по дипломирањето на Катедрата за филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Дел од екипата на филмот Дел од екипата на филмот

Досега беше прикажан на филмски фестивали во Италија,  Црна Гора,  Хрватска, а сега ја доживеа и својата македонска премиера на нашиот реномиран филмски фестивал.

Режисерката го дефинира своето филмско деби како типичен трилер, со напната атмосфера и параметри кои го наведуваат гледачот да верува дека ќе биде сведок на злосторство, за веднаш по пресвртот да добие психолошка, сексуално возбудлива димензија која преминува во вистинска романса.

Режисерката Косара Митиќ Режисерката Косара Митиќ

"Презадоволна сум од соработката со целата екипа која работеше зад камерата , а беше составена од врвни професионалци од кои многу научив. Имав и одлична актерска екипа составена од Славиша Кајевски, Кристина Леловац, Оливер Митковски, Драгана Левенска, Александар Микиќ кои со својот фантастичен перформанс успејаа да ги оживеат ликовите , баш онака како што ги замислував додека го пишував сценариото. Нивната одлична игра многу ми помогна на самиот сет да ја изградам и оформам посакуваната атмосфера во филмот. Секако за да ликовите ја добијат потребната димензија клучна улога имаат костимите и шминката. Имав чест да работам со две прекрасни дами кои долги години работат на филм и имаат голем број успешни проекти зад себе и морам да ги пофалам дека одлично си ја завршија својата работа", објаснува Митиќ.

Особено внимание на премиерата привлече младата актерка Драгана Левенска, една од протагонистките во филмот, која изгледаше отмено и достојно за фестивал од ваков ранг, во комплетен стајлинг на Елена Лука.

Актерката Драгана Левенска изгледаше отмено во креација на Елена Лука Актерката Драгана Левенска изгледаше отмено во креација на Елена Лука

За комплетното доживување на филмот, еднакво е значењето и на костимографијата и на шминката и фризурата во градењето на ликовите, што нас како моден портал особено не интересираше.

"За костимите беше задолжена Жаклина Крстевска, а за шминката Жанета Димитриевска. Костимите беа дел од големиот фундус на костими кој го поседува Жаклина, од кои успеавме да направиме интересни комбинации во согласност со потребите и карактерот на секој лик посебно. Па така стиловите кои се застапени варираат од модерен, урбан, хипстерски стил кој е моментално актуелен до чиста класика, отменост , елеганција , а застапени се и ретро елементи (како стил кој се негувал во 70те).  Што се однесува до шминката и фризурата пред се инсистиравме на природен, натурален изглед , но за потребите на одредени сцени и развојот на драмското дејствие успеавме да постигнеме и вистинска трансформација на ликовите", додава режисерката во разговорот за Fashionel.

 

Утре официјално се затвора годинешнава програма на фестивалот, кога ќе го имаме и комплетното резиме и впечатоци од манифестацијата.

 

 

Објавено:
20 септември 2013
Категорија: 
Актуел