Кога во 2010 светот остана без талентираниот дизајнер Александар Меквин, едиствена негова достојна замена беше Сара Бартон.
Таа беше негова десна рака уште од 1996 година и логично беше да ја преземе работата на Меквин кој прерано си замина.
Сега 13 години подоцна кога Сара реши да даде оставка од модната куќа, тешко е да се замисли кој би можел да биде нејзина замена.
Групацијата Керинг под која што спаѓа модниот бренд излезе со соопштение во кое причините за заминувањето не се наведени.
Колекцијата пролет/лето 2024-та која ќе биде презентирана на крајот на месецов, ќе биде последна под палката на Бартон.
Таа остана доследна на посветеноста на Меквин и многу вложуваше во деталната и квалитетна изведба на секое парче.
Сара не ја продолжи уметничката визија на Александар, но затоа ја претвори модната куќа во моќен луксузен бренд, што не ги диктира трендовите, но секогаш е на врвот по изработката и квалитетот.
Токму затоа и Кејт Мидлтон ја ангажираше Бартон да ѝ ја изработи венчаницата, а Лејди Гага ѝ го довери стајлингот за оскарите во 2019.
Сара ги облекуваше и Бијонсе, Кејт Бланшет, Мишел Обама, Зендаја, Хери Стајлс, Роберт Патисон...
Два пати беше прогласена за дизајнерка на годината (2011 и 2014) и еднаш за најдобра интернационална дизајнерка во 2019-та.
Најголемото признание за нејзината маестрална работа се случи во 2012 кога тогашниот принц Чарлс и го додели престижниот орден OBЕ.
Кој ќе биде нејзината достојна замена, останува да видиме.
Фото:Pinterest