Њујоршката модна недела во проблеми

16 декември 2015

Претседателката на Здружението на Американските дизајнери, Дајан фон Фурстенберг изјави за WWD, дека размислуваат да го сменат начинот на кој функционира модната недела во Њујорк.

Членовите на здружението и Boston Consulting Group во наредниот период ќе истражуваат во која насока ќе се движи модната недела, но со цел да им се приближи на сите нејзини консументи.

-Дизајнери, продавачи, сите се жалат за ревиите. Нешто не е веќе како треба, особено поради социјалните мрежи, луѓето се збунети . Системот е „скршен“ – вели дизајнерката.

Таа вели дека облеката што ќе ја видат сите на ревиите треба веднаш да биде достапна во дуќаните, и на тој начин ќе бидат во ритамот што го наметнуваат Твитер или Инстаграм.

-Имаме некои идеи. Во секој случај сите се согласуваат со тоа ревиите да им се приближат и на обичните купувачи – истакнува Фон Фурстенберг.

Дајан фон Фурстенберг

За таа цел ќе се спроведе седумнеделна студија, односно истражување, кое како вели дизајнерката нема да влијае врз ревиите што следат во февруари, туку за шест месеци. Во секој случај, измените ќе вклучуваат и закажувања во помали showroom простории, каде ќе имаат можност да дојдат бајерите, новинарите и сите оние што сакаат да купат нешто, а се со цел да се направи план за порачки, со што на ревијата ќе бидат поканети и консументите.

Уште една можност е да се сменат сезоните. Така, колекциите за пролет-лето би се прикажувале во февруари и март, а за есен-зима во септември и октомври. Ќе се разгледува и можноста модните недели за мажи да се одржуваат во јануари и јуни.

-Сè е многу конфузно. Сè мора повторно, одново да стартува. Ние ги даваме предлозите, а луѓето можат да прават што сакаат. Имам чувство дека на тој начин луѓето ќе имаат подобар увид и чувство за тоа што има во продавниците. Ги немам сите одговори, токму затоа и ангажиравме професионалци да ни помогнат – искрена е дизајнерката.

Останува да видиме за шест месеци какви сè новитети ќе бидат презентирани на оваа модна недела.

Објавено:
16 декември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
438 пати