Нова концептуална продавница за македонски дизајн

23 јуни 2014

По примерот на дизајнерката за накит Нина Симовска, која самоиницијативно сподели дел за изложување и продажба на креациите на неколку свои колеги и ја означи концептуалната соработка на неколку македонски дизајнери, нејзините стапки реши да ги следи и сопственичката на поп-ап катчето „Лотус Генерација“, дизајнерката Анита Гај.

Македонскиот дизајн повторно ќе биде собран на едно место. Седумнаесет домашни и странски дизајнерски имиња ќе отпочнат продажба на своите парчиња во новата концептуална продавница Lotus Design Store, која ќе биде отворена во среда 25 јуни во 20.00 часот, на вториот кат во Скопје Сити Мол.

По неполна година успешно работење, поп-ап катчето „Лотус Генерација“, прераснува во концептуална продавница кај нас, која на едно место ќе ги собере производите на дизајнерите Росица Мршиќ, Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Јована Филиповиќ, Оливера Штакоска, Елена Спасовска, Vibrazioni by Александра Митковска како и брендовите Lotus Lounge Chair, Завај Дизајн, Фејдом, Творница, Лудус, Le brand, Kapka jewerly, Daemonium, познатиот француски бренд за ракавици Thomasine и српскиот бренд MOO SHEMA.

„ Lotus Design Store е необична галерија на индустрија, мода, накит и уметност, врска меѓу сегашноста и иднината, меѓу реалноста и магијата. Нашата мисија е да го воведете дизајнот во вашиот живот и да стане ваш стил“, вели дизајнерката Анита Га, сопственичка на продавницата.

Како резултата на експанзијата на талентирани, домашни дизајнери се чини дека потребата да се обединат на едно место за нивните дизајни да им станат по достапни на купувачите е се поголема. Lotus Design Store е наменет за заедничка промоција и продажба пред сè на македонски дизајнирани производи како облека, модни додатоци, обувки, мебел, светилки, декоративни елементи, но и скулптури, фотографии и книги. Lotus Design Store ќе функционира и како арт простор во кој ќе бидат организирани различни активности. На отворањето ќе бидат изложени фотографиите на режисерот Милчо Манчевски од серијата насловена „Пет капки сон“ кои воедно ќе бидат на продажба. На отворањето свој моден перформанс ќе имаат и манекенките од модната агенција „Подиум“.

 

 

Објавено:
23 јуни 2014
Категорија: 
Актуел