Насловната страна на најновото издание на магазинот „Харперс Базар“ е со Џенифер Лопез. И тоа не е некоја досега невидена работа или вест, но она што овој пат воодушевува е фото-сесијата што го следи текстот, а зад која се потпишува фотографката Камила Акранс.
На фотографиите Џенифер Лопез е во костими за капење и креации на Ентони Вакарело, додека на насловната страна е во фустан на „Гучи“.
Меѓу фотографиите има и една портретна, каде фотошопот е изземен, се гледаат брчите околу очите и на лицето, што беше поздравено од многумина. Всушност, во речиси целиот едиторијал не се претерувало со фотошоп техниките, што го прави уште повпечатлив.
Во текстот пак, пејачката, танчарка и актерка, зборува за новото остварување „Втора шанса“ кое се емитува и кај нас во кината, за работата генерално, за мајчинството, љубовта...
„Се чувствувам горда бидејќи успеав да преживеам во овој бизнис толку долго. Но, во оваа точка од мојот живот, се трудам да си оддадам повеќе заслуги себе. Тешко е кога луѓето постојано ви велат дека не си доволно добар или само коментираат: „Зошто е таа успешна?“. Кога си успешна жена често се соочуваш со вакви работи. Тоа не се случува толку многу кога си маж. Кога се работи за луѓето, особено жените е што 12 луѓе можат да кажат дека си неверојатен, но еден човек да каже поинаку и неговиот глас да остане во главата на останатите“, вели Лопез.
Таа додава дека во моментов е пресреќна.
„Имам две неверојатни деца и прекрасен партнер. Сè уште не сум одгатнала сè и смислила, не е сè совршено, но се чувствувам горда со сите работи низ кои минав во приватниот живот и сè уште сум оптимистична и со надеж“.
Во разговорот се надоврзува и на мајчинството.
„Кога ги добив децата, сфатив дека морам да бидам подобра и подобро да ги правам работите. Не само за нив, туку и за мене. Има нешто во одговорноста кон друг човек, што прави да се запрашаш: „Ок, а што правам за себе? Како можам да се грижам за некој друг, кога не можам да се грижам за себе? Како да ги научам како да се однесуваат кон себе, ако им дозволам на луѓето да ме третираат на начин кој што не е убав? Како можам да ги научам да бидат вредни и трудољубиви, ако јас не го правам истото? Кога станав родител почнав да се истражувам и испрашувам себеси од различни агли“.
А во однос на трудољубивоста и работата, за потсетување, таа има продукциска компанија, работи на ТВ шоу, има линија козметички производи и многу други активности.
И покрај тоа што се радува на секој нов работен ангажман, сепак ќе признае дека и таа знае за умор.
„Понекогаш сум навистина изморена.. Но, никогаш до тој степен да размислувам дека не ги сакам работите што ги работам. Едноставно ми треба пауза, навистина чувствувам како да сум запоставила многу работи што сакам да ги правам. Не знам дали некогаш во животот ќе стигнам до точка кога ќе бидам здоволна и ќе речам: „Направив. Се! Готово!“. Се надевам тој ден никогаш нема да дојде“, истакнува Лопез.