По повод јубилејот - 150 години од основањето на етаблираниот магазин Harper's Bazaar, познатата холивудска актерка Анџелина Џоли се сликаше во Намибија од каде и испрати писмо до читателската публика на магазинот. Таа се обрати директно до тебе, мене и сите нас, со цел преку својот глас да ја подигне пред сѐ свеста за положбата на жените и женските права, но истовремено и да се посвети сериозно внимание на меѓучовечките односи како и на односот на човекот кон животната средина.
Нејзиниот последен продуцентски проект насловен „The Breadwinner" ја раскажува приказната за 11 годишно девојче од Авганистан која се облекува како момче, со цел да може да работи и да придонесе за основната егзистенција на своето семејство. А сето ова во контекст на тоа дека во областа каде што таа живее, не е дозволено жените да работат или да се школуваат.
„Она што го правиме, секој од нас во својот мал свет и во своето опкружување, е важно. Надежта е во тоа дека се е во наши раце. За 150 години од сега, технологијата ќе ни даде уште повеќе и подобри можности за комуникација, поголема свесност за животната средина, спроведување на човековите права... Но, целата разлика е во тоа што ќе одбереме сега со оглед на слободата што ја имаме. Ако моето животно искуство ме научи нешто, тоа е дека тоа зад кое стоиш цврсто и тоа против што се бориш, е она што те дефинира", вели Џоли во дел од своето писмо.
Целото нејзино обраќање може да го прочитате на овој линк.
Фото извор: Harper's Bazaar