Почина дизајнерката Соња Рикел

25 август 2016

Во светските модни медиуми денеска одекна веста за смртта на француската дизајнерка Соња Рикел.

Како изјави нејзината ќерка Натали, Соња почина на 86-годишна возраст, после речиси дведецениско боледување од Паркинсоновата болест.

Дизајнерката уште во 1995 година го напушти местото на уметнички директор во својот бренд, но сепак го следеше неговиот развој.

За тие што не знаат, Рикел ја започнува својата модна кариера средувајќи излози во една париска текстилна работилница.  Инаку, стана позната во текот на 1970-тите, како „кралица на трикотажата“, откако ја отвори првата продавница во Париз кон крајот на 1960-тите, со што привлече голем број познати клиенти како Кетрин Денев и Одри Хепберн.

Нејзините колекции се препознатливи по тоа што вклучуваат и деконструирани, грубо порабени џемпери, што и денеска се клучни парчиња на брендот, особено попристапниот и современ – Sonia by Sonia Rykel.

Во 2009 година беше наградена со Орден на Легијата на честа, како признание за 40-годишното залагање во француската модна индустрија.

Денеска, брендот „Соња Рикел“ вклучува луксузна ready-to-wear, современа, детска линија, како и лежерна облека за дома.

Покрај ќерката Натали, која е и сопственик и директор на брендот, Соња има и Син, Жан-Филип.

Францускиот претседател Франсоа Оланд по повод смртта на дизајнерката соопшти дека Рикел била „пионер“ и дека со своите модели на „жените им подарила слобода на движење“.

Објавено:
25 август 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
718 пати