Единаесет години по последната сезона, завчера конечно се случи долгоочекуваната премиера на новото продолжение на култниот серијал „Sex and thе City" – „And just like that", кој веќе започна да се емитува на HBO.
Главните хероини, Кери Бредшо (Сара Џесика Паркер), Миранда (Синтија Никсон) и Шарлот (Кристин Дејвис) сега веќе во шестата деценија од животот, се собраа во „Музејот на современа уметност " во Њујорк, за да ја најават новата фаза од животите на главните протагонистки.
Во „Sex and the city" модата е главната тема, па сосема очекувано црвениот килим помина во знакот на гламурот и американските дизајнери.
Сара Џесика Паркер беше своја во чевлите на Кери Бредшо, па екстравагантната креација од Оскар де ла Рента што ја носеше на себе е комплетна стилска реакција на ликот што го портретира. Не треба да коментираме дека изгледа фантастично.
Синтија Никсон исто така беше стилизирана во креација бирана според ликот на Миранда, а потпишана од Кристофер Џон Роџерс. Впечатлива портокалова нијанса, од глава до пети, елегантна и шик – да ова дефинитивно би го носела Миранда...
Кристин Дејвис ни ја донесе Шарлот на црвениот килим, во дамска, темно сина тоалета која за неа ја дизајнираше Џејсон Ву, по мерка на нејзиниот романтичен дух.
Но, покрај модата, пријателството е вистинската есенција на овој серијал, а тоа се гледаше и од расположението на актерите на црвениот килим кои очигледно после долгите заеднички години поминати пред камерите, меѓусебе создале синергија која публиката знае да ја препознае и од тука големите симпатии кон ликовите.
Во најавата на новото продолжение, не се насетува ниту малку носталгија, ако очекувавте нешто такво... Напротив, сега пријателките во своите средни педесети години, пред себе имаат нови животни предизвици...
А какви, веќе имаме можност да ѕирнеме на HBO.
Фото: Vogue, Elle