Тримесечната хуманитарна кампања „Затоа што сите веруваме“ во организација на здружението „Борка“ и брендот за накит Оксет во која беа донирани два проценти од продажбата на нивните производи, денеска и официјално беше завршена.
Истата имаше за цел зголемување на свесноста за ракот на дојка и собирање на средства што потоа ќе бидат искористени за поддршка на жените кои се борат со оваа болест.
„Бескрајно им благодарам на потрошувачите на Оксет кои во изминатите три месеци купуваа во нашите продавници и со тоа донираа за оние на кои навистина им е потребна поддршка. Оваа кампања е доказ дека хуманоста постои, само треба да ја поттикнеме”, изјави Елена Јанкоска, сопственик на брендот.
Претседателката на здружението „Борка“, Биба Додева на денешната средба посочи дека е многу задоволна од тоа што постојат такви компании во Македонија што сакаат да помогнат и да бидат дел од нивните хуманитарни активности, но посочи и дека им треба уште поголем поттик истите да се вклучат во борбата против ракот на дојката.
„Статистиките се поразителни. Во земјава, бројот на заболени од рак на дојка е во постојан раст. Новата статистика во Македонија покажува 1.152 нови регистрирани случаи во 2012 година, за разлика од 2008 – та година кога бројот изнесувал 750“, посочи Додева.
Она што таа го посочи како нивен следен проект, е розовиот караван што ќе се случува на ниво на цела Македонија, со што се планира да се едуцираат што е можно повеќе жени и во руралните средини, со што ќе се подигне и свеста кај нив за поредовни прегледи и рана дијагноза на карциномот.
Докторката Мирјана Бабамова која исто така е дел од организацијата „Борка“, уште еднаш повика на редовни прегледи и поголема свесност за оваа болест кај жените без разлика на возраста, посочувајќи дека најмладата пациентка кај која бил дијагностициран рак на дојката, имала само 17 години.
“Кај секоја жена постои ризик. Со клинички студии е докажано дека стресот многу делува на појавата на овој вид карцином, но тука се и лошата исхрана, цигарите, недоењето, односно самиот начин на живот. Задолжителната мамографија кај жените се препорачува еднаш на две години“, апелира докторката Бабамова.
Од собраните средства на хуманитарната акција помеѓу Оксет и „Борка“, ќе бидат купени десетина перики што здружението ќе ги додели на жени заболени од рак на дојка од социјално загрозени групи.