Презентирана агендата на "Денови на мода 2013" во Штип

12 септември 2013

Со цел да се афирмира продукцијата на штипските модни брендови и општо  модната индустрија која во голем процент е сконцентрирана во овој град, од 26-ти до 29-ти септември премиерно ќе се одржи настанот  “Денови на мода 2013” во Штип, во организација на општината.

На денешната прес-конференција беше презентирана комплетната програма каде како учесници се најавени осум реномирани штипски модни брендови, како и Универзитетот “Гоце Делчев” кои со свои модни ревии ќе ги презентираат своите колекции за сезоната есен-зима 2013/14.

Главниот организатор на настанот, Вишна Шорова-Ангелова нагласи дека богатата агенда покрај тоа што ќе понуди презентација на модните куќи и нивните колекции, дополнително ќе ја анимира публиката преку различни настани како организиран шопинг на парчиња облека по пониски цени, забави и промотивни средби.

„Отворањето ќе се случи на градскиот плоштад, на 26-ти септември, во петок во 18,30 часот а потоа се предвидени две клучни ревии на Астибо Бејзик и Гламур. Секоја од нив ќе понуди соодветни модели на облека како што кажува и самото име на ревиите.Во текот на вториот ден, од 9 часот ќе оперираат бесплатни авотбуси кои ќе ги носат заинтересираните до модните конфекции а кои се учесници во настанот и ќе им се овозможи набавка на прозиводи по намалени цени. Првата локација ќе биде на паркинг простор каде се спојуваат сите конфекции а ќе има и засебни локации кај секоја од конфекциите. Предвидена е и активност која ја нарековме 'Fashion walking tour' која подразбира наши манекенки да ги прошетаат заинтересирнаите низ погоните на учесниците и да им ја претстават модната куќа или конфеција", рече Шорова-Ангелова.

 

Во рамките на манифестацијата, модниот бренд Fashionel ќе организира промотивна модна забава со која ќе се финишира вториот ден, т.е на 27-ми септември во еден од локалните кафичи.

На локација на излезот од Штип, во соодветен салон, исто така, во текот на вториот и третиот ден предвидени се и ревии на секоја од учесниците во настанот, на модната конфекција „Албатрос", на технолошко-технички факултет при Универзитетот „Гоце Делчев", „Виба Фешн", потоа „Дизјан-С", „Астибо Беас", „Линеа" и фабриката за чевли „Баргала". Исто така една од активностите предвидува и ноќен шопинг и забава со диск џокеи за анимација на помладата популација.

 

 

Дел од манекенките кои ќе ги носат моделите на штипските модни куќи, ќе бидат ангажирани од модната агенција Црнокрак, чиј сопственик Мики Црнокрак кој беше присутен на прес-конференцијата го изрази своето задоволство што има можност да биде дел од една манифестација чија основна цел е промоција и поддршка на модната индустрија во Македонија.

 

Објавено:
12 септември 2013
Категорија: 
Актуел