Саем на жена: Спој на хуманоста и модата

26 октомври 2013

Во просториите на Метрополис арената вчера по четврти пат започна Саемот на жената каде на едно место можеа да се видат сите аспекти на вистинската убавина. Оваа година саемот се одвива во неколку сегменти меѓу кои здравјето на жената, убавината, професионалниот развој и модата.

Попладневните часови од првиот ден на Саемот беа резервирани за хуманитарната ревија на неколку македонски дизајнери и лицитација на нивните парчиња, а средствата собрани од продажбата за истите беа наменети за купување на перики за жените подложени на хемотерапија, како последица од ракот на дојката. Шармантните дизајнерки заедно со едно единствено мото - Од жените за жените!

На хуманитарната ревија со свои модели се претставија дизајнерките Антонија Ристовска, Ирина Тошева, Тања Кокев, Христина Деспотовска, Силвија Михајловска (ателје Алшар), Јана Манева Чупоска и Лидија Георгиева, чија креација се продаде по највисока цена.

Oд лицитацијата се собраа средства во висина од околу 1.000 евра, а истите веднаш ќе бидат наменети за набавка на перики.

Дизајнерките велат дека без двоумење ја прифатиле поканата да бидат дел од ревијата и лицитацијата, и сите се сложни за едно – настаните од ваков тип треба многу почесто да се случуваат.

„Го поддржувам овој настан и во принцип секој друг настан од ваков тип. Добро е што Саемот на жената веќе има своја традиција и веќе неколку години се оддржуваат и овие хуманитарни ревии. Ова е моето прво учество и се надевам дека и следните години ќе бидам присутна, доколку има интерес и од саемот и од мене“, вели дизајнерката Тања Кокев, додавајќи дека секогаш може повеќе од она што се случува, затоа што ваквите настани никогаш не се доволни.

 

За младата дизајнерка Ирина Тошева ова не е првпат да се појави на настан од ваков тип, и за себе ќе каже дека покрај дизајнерка, таа е и голем активист во невладиниот сектор и многу често знае да организира хуманитарни настани, акции и забави.

„Јас веќе еднаш сум била учесник на мини модна ревија на Саемот на жена каде претставив пет женски модели и овојпат со задоволство ја прифатив поканата да бидам дел од хуманитарниот проект. Ме радува што има вакви настани, но дефинитивно треба да има многу повеќе“, вели Тошева, која на хуманитарната ревија претстави токму еден од моделите со кои зема учество и на претходниот Саем на жена.

Дизајнерката Антонија Ристовска веќе втора година учествува на лицитацијата во хуманитарни цели. Оваа година на ревијата претстави долг, свилен фустан во интересни бои кој се продаде по сосема солидна цена.

„Тоа што јас ќе донирам една моја креација, навистина е мал дел со кој што јас можам да придонесам во целиот настан. Таа мала помош, на некого многу ќе му значи и многу сум задоволна што минатата година мојата креација највисоко се лицитираше и доби највисока цена. Сите дизајнери заедно, навистина собравме големи средства што се донираа за перики на жените што имаат потреба од тоа“, вели Ристовска.

Дел од дизајнерите што го дадоа својот придонес во собирањето средства за жените заболени од рак на дојка, е и Јана Манева Чупоска.

„Секогаш со задоволство присуствувам на хуманитарните ревии. Тоа е убав начин да се прикаже хуманоста, која многу е потребна, а особено на оваа ранлива категорија – жените. Ги поддржувам во целост ваквите манифестации. Креацијата е правена специјално за оваа пригода и прикажав нешто што мене како дизајнер во овој момент ме интересира, па се надевам дека ќе успее да придонесе во оваа хумана акција“, вели Чупоска.

Во креација пак на Христина Деспотовска се појави водителката Елена Стојановска.

„Многу убаво збиднување. Првпат сум дел од ваква хуманитарна акција и сум среќна што можам да дадам свој придонес за жените кои за жал боледуваат од оваа сериозна болест. Да можам би придонела уште повеќе. Сметам дека ова е убав настан, секоја чест и за креаторите кои се согласија да бидат дел од него. Сепак, ние сме тука за да помогнеме што повеќе. Им посакувам што подобро здравје, закрепнување и се надевам дека и здравството во Македонија ќе им овозможи еден подобар систем на лекување“, вели Елена.

Христина пак веќе неколку години наназад е дел од хуманитарните акции, а овој пат се одлучи својот придонес да го даде со црвен фустан изработен од свила.

„Сакам бои и во мојата работа се мошне застапени. Црвената асоцира на радост и среќа, а воедно многу ми е важно и фустанот и неговата боја да му прилегаат на моделот што го носи. Сметам дека на Елена одлично ѝ прилега оваа креација. Едноставно сакав композицијата да е комплетна и таква да им ја презентирам на дамите присутни тука“, изјави Деспотовска, која го искористи Саемот на жената да презентира и дел од нејзината најнова колекција.

Меѓу дизајнерките што одлучија да ја поддржат хуманитарна акција е и Силвија Михајловска, односно ателје Алшар, со тиркизна креација, изработена од плиш и украсена со полускапоцени камења.

„Учествувам втор пат и многу ми е драго, бидејќи пред сè се работи за благородни цели, да се помогне некому кому му е навистина потребно, така што со задоволство прифатив повторно да учествувам. Сметам дека секогаш е потребно нешто да се донира и да се помогне колку што се може. Се надевам дека и другите креатори, и не само тие, туку и останатите луѓе од модната професија, како и од јавниот живот генерално, ќе се приклучат и ќе бидат хумани“, вели дизајнерката.

Лицитацијата ја водеше познатото тв лице, Лила Стојановска, која веќе неколку години наназад е дел од оваа хуманитарна акција.

„Секогаш ми е задоволство да сум дел од манифестации каков што е Саемот на жената, затоа што кога ќе се спомене жена, многу ми значи. Некако чувствувам дека ние жените во овој 21.век, без разлика што се сме наводно рамноправни со мажите, сепак сме обесправени. Па, сè што има врска со жената, мене особено ми се допаѓа. Да не сме ние жените, дијамантите би биле обични камења. Ги поканувам сите жени да бидат дел од овој настан, а може да дојде и по некој маж, што ќе ја изненади својата жена“, изјави Лила.

Она што можеше да се забележи на настанот беше слабиот одзив на луѓето, што никако не смее да се случи кога станува збор за вакви хуманитарни акции. Малкумината присутни на ревијата, со коментари дека народот не е доволно свесен што за некого значи настан од ваков тип.

Буба Јорданова од Скопје, на лицитацијата купи дури два дизајнерски фустани за нејзината ќерка. Таа ќе каже дека искуството со страшната болест го имала во семејството, па многу добро е запознаена со последиците и предизвиците што ги носи истата.

„Вечерва купив два фустани за мојата ќерка. Веќе четврта година учествувам на Саемот и трета година на аукцијава. Би требало да има многу повеќе настани од ваков тип. Мислам дека не сме доволно свесни, мислам дека одзивот вечерва е многу слаб, што не би требало да биде така за настан од еден ваков тип и со ваква намена. Иксуството го имав во семејството и не може да се случи јас да не учествувам во вакви хуманитарни настани“, вели Буба.

Објавено:
26 октомври 2013
Категорија: 
Актуел