Слатки пролетни парчиња и мода за храбри момци во Lotus Design Store

30 април 2015

Концептуалната продавница Lotus Design Store во Сити Мол вчеравечер беше местото каде се одржа интересно дизајнерско модно шоу.

Во рамки на истото, тројца млади и перспективни дизајнери ги прикажаа своите пролет – лето колекции составени од интересни и малку поинакви парчиња.

Марта Мирова Марта Мирова

Модното шоу го отвори дизајнерката Марта Мирова и нејзиниот бренд „4 Сезони“, која прикажа вистинска пролетна модна приказна составена од многу цветни парчиња меѓу кои и волуменозни здолништа, лесни фустанчиња со интересни апликации, но и слатки еднобојни и фустанчиња со точки.

Преку нејзината колекција насловена како „Мирис“, таа ќе каже дека сака да направи жените да се чувствуваат убаво и да се вклопат со мирисите наоколу.

„Овие мириси конвертирани во лелеави форми на неодолива женска силуета, ќе направат една жена да биде еден цвет и совршено да се вклопи со мирисот околу”, вели Марта.

Веднаш по неа, со своја ревија дебитираше младиот дизајнер Леуарт Лека кој на публиката ѝ претстави една малку поинаква колекција за смели момци со храбар стил.

„Составив колекција од парчиња што некако се лично мој стил и јас дефинитивно би ги носел со смелост. Се надевам дека и македонските момци ќе бидат доволно смели да ги носат парчињата за кои треба малку повеќе храброст. Сите парчиња се направени од интересни материјали и истите не се за секој ден, туку за специјални пригоди. Сите се направени со сосема прави кроеви, за да личат на oversize модели, да бидат унисекс и да можат и девојките да ги носат, бидејќи знам дека на нив повеќе ќе им се допаднат парчињата“, вели младиот дизајнер за Fashionel.

Неговите парчиња дефинитивно беа малку поинакви од она што сме навикнати да го гледаме кај македонската мода, што се докажа и со реакциите кај публиката.

Последна во рамки на дизајнерското шоу настапи младата и креативна дизајнерка Елена Спасовска со колекцијата „Математика“.За неа, креирањето на една колекција е математички процес, што вклучува изработување на пресметани точни кројки и создавање на тродимензионални форми од нив.

Нејзините модели на пистата во рацете носеа плакати со бројки, а особено воодушевување кај публиката предизвика последниот натпис #поздравпленумци.

„Мојата колекција вклучува дизајни со строги геометриски форми и линии, застапени се црната и белата боја, додека линијата, кругот и коцката го имаат главниот збор. Материјалите се природни, лесни и наменети за топли денови. Моделите се носливи и наменети за девојки со јасно изразен став во општеството”, вели Елена.

Иако најавен со своја пролет – лето колекција на дизајнерското модно шоу, Драган Христов – Лудус вчеравечер немаше своја ревија.

Објавено:
30 април 2015
Категорија: 
Актуел