Францускиот бренд 7 For All Mankind одлучи новата пролетна колекција за 2015 година, да ја направи во соработка со модниот дизајнер Џамбатиста Вали. По тој повод, дизајнерот креираше тексас линија, во која се вклучени фармерки со висок струк, панталони со животински принт, краток фустан, кратки топови, тексас и „bomber“ јакни. Вали истакнал дека инспирација за новата колекција му биле Брук Шилдс, Мик Џегер и сите останати посетители на „Студио 54“.
Покрај модните парчиња, брендот ќе лансира и линија на кармини, со нијанси од мат црвена, па се до јака розова нијанса. Ова не е прв пат 7 For All Mankind да соработува со моден дизајнер, бидејќи за нив досега колекции имаат правено Зак Посен и Емилио Пучи. Џамбатиста Вали и покрај тоа што е познат по креирањето на совршени вечерни тоалети, сепак нема да му биде прв пат да креира тексас линија, односно дел од парчињата кои ги креираше за линијата „Giamba“, вклучуваа тексасни парчиња. Новата колекција од соработката на 7 For All Mankind и Вали ќе биде пуштена во продажба од средината на февруари.