Традиционално, фестивалот се одржа во Универзалната сала, која се јавува во улога на продуцент и организатор, а причина за поголемо уживање во препознатливите рефрени, е одбележувањето на 70 годишнината од ослободувањето на Град Скопје, кој е и главен финансиски подржувач.
Убава атмосфера, насмеани лица и позитивни вибрации беа присутни како во бекстејџот, така и на главната сцена. Изведувачите не го криеја задоволството што токму нивните композиции се едни од најслушавните за тековната година, а во однос на стајлинзите, акцент беше ставен на монохроматиката, со храбри исклучоци на колоритни аутфити за разбивање на монотонијата. Машките изведувачи претежно носеа спортско – елегантни парчиња, а припадничките на понежниот пол, одбраа свечени тоалети во црна боја. Како и изминатите години, така и сега, ретко кој од учесниците можеше да се пофали за стилиризиран стајлинг со потпис од некoја модна куќа, со што уште еднаш се потврдува дека недостасува соработка на уметниците од овој домен.
Домаќините на вечерта, Марија Петровска и Ване Марковски блеснаа во уникатни креации на етаблираната модна куќа Елена Лука, која и минатите години водеше сметка за изгледите на водителите. Како вистински џентлмен, Ване сцената ја отстапи на својата колешка, додека тој водеше сметка за атмосферата во бекстејџот. Домаќинката на настанот изгледаше репрезентативно според улогата која ја имаше на сцената, облечена во раскошна и гламурозна црна тоалета. Корсетираниот фустан во пределот кај градите се истакнуваше со специфични светкави камчиња, додека пак долниот дел, претставуваше целина составена од краток и долг дел во А-крој. Водителот Ване, како посилната половина од зад сцената за оваа манифестација носеше спортско - елегантна креација, односно сиво сако во младешки крој контурирано со патент кој завршува со централно закопчување, надополнето со црна кошула и панталони во истата нијанса, потпишани од Елена Лука – „Јас во принцип не сум човек кој ги следи модните трендови и затоа оставам професионалци да се погрижат за мојот изглед, а во конкретниот случај сакам да му се заблагодарам на тимот на Елена Лука“.
Како и претходните изданија на фестивалот, така и оваа година, организаторите ја збогатија програмата со учество на изведувачи од регионот, односно Нина Бадриќ и Бојан Маровиќ, на кои им беа доделени наградите„Ѕвезди од соседството“ . Нина Бадриќ, која зад себе има 20 годишно искуство на музичката сцена, изненадена од гостопримството на Македонците, изрази желба наредната година да организира концерт во Скопје. Како дама која ги следи модните трендови, пејачката беше воодушевена од креациите и дизајнот на модната куќа Елена Лука, а на сцена се појави во моќна и сексапилна креација од колекцијата ELigion – „Носам креација од модната куќа Елена Лука. Морам да признаам дека она што го видов во нивните салони ме фасцинираше, има многу убави креации. За првпат соработувам со македонски дизајнер и сум презадоволна“. Исто така, Бадриќ не се штедеше на пофални зборови за Даниел Кајмановски , со кого го изведе дуетот „Jedan od mnogih “ и за имитацијата на Елена Ристевска во шоуто „Твоето лице звучни познато“.
Црногорскит пејач Бојан Маровиќ пред точно десет години ја започна својата музичка кариера со солистички концерт во Универзалната сала, а неговите доаѓања во Македонија, оттогаш за него зачестија – „За мене е голема чест да сум повторно во Скопје. По десет години да се биде повторно на истата сцена е вистинска маѓија. Дури престојувам во истиот хотел каде што престојував пред десет години“. Покрај настапот на МАРС , пејачот го искористи престојот во земјата за снимање на нов видео запис во соработка со Дарио Јанковиќ, а во однос на самите почетоци кога бил повлечен и ден денес со искуството кое го има зад себе, смета дека е изградена личност, знае што сака и како да го постигне истото. Како и секоја јавна личност, Бојан води сметка за својот изглед, но не верува во работата на стилистите, туку во сопствениот избор – „Не соработувам ниту со стилисти, ниту со модни куќи. Мојата модна куќа е мојот џеб и купувам само парчиња што ми се неопходни“.
Наградата за Трајни вредности му беше доделена на Александар Митевски, кој според советот на фестивалот и радиостаниците низ земјата, го има најдобриот македонски евергрин, посветен на Скопје. Станува збор за песната „Мојот град“ со што се одбележува 70 годишниот јубилеј од ослободувањето на градот Скопје, кој беше главен финансиски подржувач на фестивалот.
Први на сцената настапија Бета Хаус кои ја понесоа наградата за Ѕвезди што се раѓаат, а следеше и статуетка за оригиналната Тамара Тодевска, која ја понесе наградата за Апсолутен радиски хит и најдобар текст за песната „ Тажна љубов, среќна песна“. Таа продолжи да не' изненадува во однос на фризурите. На Скопскиот фестивал имаше црна, а за МАРС реши повторно да се појави во поинакво светло, но како црвенокоса. Јоце Панов ја понесе наградата за Најслушана песна во регионот од македонски изведувач, за песната „Моја најдобра“, а Кристина Арнаудова доби награда за Радиски поп- рок хит и на манифестацијата носеше црно-златен фустан, креација на младиот дизајнер Небојша Толевски и златни чевли со светки, посебно изработени за неа во Куманово.
Нокаут ја понесоа наградата за Најпопуларен радиски хит во 2014 година изведен од група, а Пере покрај тоа што секогаш се истакнува по уникатниот и неконвенционален стајлинг, откри дека македонската публика во декември ќе има можност да присуствува на нивен анплакт концерт. -Турбуленции има и секогаш ќе постојат, меѓутоа ние сакаме да се движиме нагоре и да остане амплитудата малку право. И минатата и оваа година добивме награда на МАРС. Лани добивме гран-при, сè уште не сме ја искористиле наградата, но тоа ќе го сториме наскоро, на 17 декември, кога ќе одржиме концерт, за првпат тука во Универзална сала“.
Димитар Андоновски за оваа прилика носеше класична комбинација во есенски нијанси сочинета од црни панталони, кошула и сако од твид во пастелна нијанса. Пејачот доби награда за Најпопуларен радиски хит и не го криеше задоволството што токму песната „Само тоа го можеш ти“ е избрана од радиостаниците ширум Македонија, како една од најслушаните композиции за 2014 година. „Драго ми е што сум дел од Марс. Сметам дека сите хитови од оваа година се собрани токму тука, и драго ми е што и „Само тоа го можеш ти“ се најде меѓу нив“ – изјави Димитар.
Единствен изведувач кој дома си замина со две награди и тоа за Поп хит на годината и Избор на публиката, е Влатко Лозановски. „Оваа година, кога е музиката во прашање, ми ја обележа песната „Мандарина“, поради што ми е многу драго. Наскоро ќе промовирам уште еден сингл„ – изјави Лозановски, кој на тој начин ќе ја заокружи на музички план 2014 година. Инаку, она што веднаш го забележавме кај Влатко е новата фризура малку подогла и потемна. „ Да, одлучив да го сменам малку изгледот, во што многу ми помогна тимот со кој секогаш соработувам“ – објасни Лозановски, кој за оваа пригода се одлучи за тегет одело и бела кошула во кои изгледаше трендовски и младешки.
Дамата која 21 година е дел од музичката музичка сцена, Биба Додева ја доби наградата за Балада на годината за песната „Врати се“, со која и победи на Макфест. – „Огромно е задоволството што мојата песна е една од најслушаните за тековната година, песна со која победив на Макфест. Наградите се стимулација. Јас 21 година се бавам со музика, односно на музичката сцена сум од 1998 година и заработувам од оваа професија“. Исто така, пејачката ни откри дека прв пат по дванаесет години дозволила друга личност да се погрижи за нејзината шминка, за која претходно самата водела сметка. За настапот на МАРС носеше црна долга тоалета, а тоа што посебно се издвојуваше во стајлингот беше масивниот ѓердан, рачна изработка на нејзината пријателка Даниела, која е члена на „ Борка“ и според Биба, исклучително талентирана личност, која работи со голема љубов.
Сара Мејс покрај малите проблеми кои ги имаше со фустанот за време на настапот, ја понесе наградата за Најпопуларен радиски хит во 2014 година изведен од женски вокал. За нејзиниот изглед вели дека се погрижиле модното студио Фран, а за фризурата од фризерското студио Алур. Иако во пределот кај градите фустанот изгледаше интересно и впечатливо, долниот дел во однос на кројот не се надополни како композиција со горниот дел. Сепак и покрај малата непријатност на сцената, пејачката успеа да го задржи доброто расположение, а за нејзината песна изјави –„Убаво е чувството што песната „Врне врне“ е еден од најслушаните македонки хитови, за кој дополнително придонесоа временските непогоди. Драго ми е кога ќе примам награда која е заслужена иако е сепак пресудно публиката да ја сака и цени твојата музика“.
Викторија Лоба ја доби наградата Партнерство за хит, а на МАРС одлучи да настапи во црн коктел фустан со едноставен крој во кој изгледаше нежно и елегантно. Таа наградата ја смета како дополнителна мотивација за напорна работа – „Ова е голем успех за мене, композиторот на песната, Дексо и за целиот тим кој работешена за реализација на хитот „Само мој“. Мене лично наградите не ми се екстремен предизвик , но сепак убаво е кога се вреднува нечие дело, а претставува и дополнителна мотивација за идни проекти“.
Младиот пејач Тајзи ја доби наградата Најпопуларен радиски Ар’Ен“Би /Рап хит за песната „Дома си е дома“. Моментално работи на снимање на вториот албум, а за стајлингот како што истакна, се грижи сам.„ Годинава имав повеќе хитови и ми е драго што луѓето го познаваат тоа што го пејам. Наградите за мене имаат голем значење, особено од овој фестивал. Јас сум млад пејач и нормално дека тие ми се мотивација да продолжам со работата“.
Иако настапи на самиот крај од фестивалот, сепак публиката со нетрпение го очекуваше Даниел Кајмаковски, кој ја доби наградата Идол на нацијата – „Оваа година ми се случија многу нешта – моите први искуства на големи бини, сцени, моите први интервјуа на македонски, моето прво искуство на домашен терен, пред домашна но и балканска публика. Сето ова ја прави 2014 година мошне успешна“ – изјави Даниел, кој откри дека подготовките околу Евровизија се веќе во тек. Досега на настапите Даниел секогаш добиваше пофалби за изгледот, за што многу често беше заслужна стилистката од Белград, Ивана Ребреновиќ. На фестивалот го видовме во сива комбианција на палто и фармерки, но пејачот откри дека овој пат модниот избор бил исклучиво негов.
За разлика од Скопски фестивал, радискиот МАРС беше една посмирена варијанта, како во музички поглед така и во однос на стајлинзите на сцена.