Српската модна недела почна во знакот на Оскар Вајлд

8 ноември 2016

Едно од најголемите модни случувања во југоисточна Европа, Српската модна недела, свечено беше отворена со ревијата „Heroes with Oscar Wilde's Heart" на Срџан Швељо, што се одржа вчера во студиото Firchie Think Tank.

Синоќешната ревија била инспирирана од култниот писател Оскар Вајлд и тоа не толку во однос на облеката, колку во однос на музиката, стајлингот и маските што ги носеле моделите. Самите маски биле инспирирани од портретот на Доријан Греј од првиот филм снимен пред 1960-та.

Дизајнерот Швељо по четврти пат ја отвора Националната модна недела. Инспириран од неговиот живот и младост, тој прикажал феноменални парчиња облека, заедно со 25 други млади дизајнери од Србија, Македонија,Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, се вели во соопштението на организаторите.

„Она што беше специфично за целата оваа приказна „Heroes" е токму машката мода, бидејќи сметам дека треба да им се помогне на дизајнерите што се занимаваат со машка мода, но и на оние кои сакаат да ја носат таа алтернативна и малку поинаква мода", изјавил дизајнерот.

Вечерва Српската модна недела се сели во Конгресниот центар Master на новосадскиот саем каде свое учество ќе земаат голем број познати модни дизајнери од интернационалната сцена како: Сара Џеси Џонс од Аргентина, Ерик Розета од Америка, Бранко Поповиќ од Холандија, како и од домашната српска сцена: Ѕвонко Марковиќ, Бата Спасојевиќ, Даниела Божиќ и бројни други.

Објавено:
8 ноември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
139 пати