Супер – жени на местото на супермоделите во рекламните кампањи!

6 февруари 2015

Откако во јануари познатата 80 – годишна писателка, Џоан Дидион беше ангажирана за заштитно лице на рекламната кампања на Селин, се чини многумина сакаа да тргнат по нејзините стапки.

Талентираната Елајза Родригез Вила од веб платформата Fusion, направи еден одличен поттик за почит, со тоа што ги замени супермоделите од неколку рекламни кампањи, со неколку супержени на денешницата.

Резултатот – и повеќе од одличен!

„Обожавам да разгледувам магазини и да гледам до каде стигнале брендовите со рекламите. Мене нивната работа со ангажирањето на супермодели ми е многу здодевна, сѐ додека не ја видов Џоан во фотосесијата за Селин. Никогаш не можев да си дозволам да купам облека од Селин, но сега сето тоа почнав да го гледам со други очи. Видов една жена која беше неверојатно убава и стилска, но тоа не беше ништо во споредба со неверојатниот живот што таа го живеела. Токму тогаш, сфатив дека сакам да направам нешто слично и со некои други брендови“, вели Родригез.

Таа ќе каже дека нејзината намера со овие фотографии не значела дека таа има нешто против супермоделите, туку едноставно сакала да предложи дека добриот стил не мора да го презентираат само моделите.

„Ова не значи дека јас сметам дека моделите не се интелигентни или пак дека живеат тотално неисполнет живот. Поентата на создавањето на овие фотографии беше да се предложи нешто сосема поразлично во модниот свет. Жените кои се постари, или кои не се дел од традиционалните стандарди за убавина, се подеднакво убави како и познатите модели и тие не треба да бидат исклучени од рекламите на модните брендови“, заклучува Родригез која во нејзиниот проект ги вклучи Рут Бејдер Гинсбург, Лаверн Кокс и Глорија Стајнем како нејзините супержени.

Објавено:
6 февруари 2015
Категорија: 
Актуел