Ел Австралија ги објави двете насловни страни за јунското издание на магазинот, а едната од нив предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.
На насловната на јунското издание на Ел, специјално посветено единствено на нивните претплатници, прекрасната манекенка Никол Трунфио го дои нејзиниот четиримесечен син Зајон додека гледа кон камерата облечена во Прада.
Уредничката на магазинот, Џастин Кулен во писмо објавено на социјалните мрежи посочи дека фотографијата за насловната страна настанала многу случајно и всушност таа воопшто и не била планирана да се најде на насловната.
„Во совршен свет никој не би имал проблем со ваквата насловна, но ние не живееме во совршен свет. Јас не гледам ништо провокативно во оваа фотографија, туку ја гледам како поттик, светот многу почесто да почне да зборува за доењето и зошто е тоа толку важно“, напиша уредничката во писмото.
Прекрасната Никол веднаш ја надополни со појаснување дека на светот нема ништо помоќно од мајчинството и дека таа е неверојатно горда на оваа насловна страна и на она што фотографијата го промовира.
На другата насловна на магазинот, можеме да ја видиме Никол како го држи нејзиниот син Зајон додека позира во црн свилен фустан со широка насмевка кон фото – апаратот.
Позитивните реакции дефинитивно преовладаа на социјалните мрежи, појаснувајќи дека на мајките конечно им е потребен вистински мир за доење во јавност, без несакани реакции од минувачите кои речиси секогаш негативно реагираат кога ќе видат таква ситуација.
Што мислите вие за доењето во јавност?