Во двете ателјеа во рамки на Европскиот универзитет студентите од факултетот за Арт и дизајн покажаа што работеле во текот на оваа академска година. Преку годишна изложба насловена како „Точно на пладне“, што го означуваше почетокот на истата, а која што ќе трае до 11 јуни, сите заинтересирани ќе имаат можност да ја видат креативноста на оние што се одлучиле да студираат на некоја од трите насоки –Моден дизајн, графички дизајн и дизајн на ентериер.
Деканката на факултетот Јана Манева Чупоска ја поздрави екипата на Fashionel и ги сподели своите впечатоци:
- Задоволна сум, бидејќи осум години делуваме во општеството со нашите дизајнерски креации, препознатливи сме и одиме во вистинска насока да можеме да зборуваме за работи кои што се креативни дела на нашите студенти. На оваа изложба можат да се видат дела од трите насоки, но во наставната програма има и предмети што се заеднички за сите три насоки, како на пример, индустриски дизајн, дизајн и мултимедија и цртање и сликање, предмети што ќе им помогнат на студентите да го имплементираат знаењето и во нивните насоки. Многу е важно како се креира наставната програма, за да се извлечат потоа креативните капацитети на студентите –изјави Манева Чупоска.
Таа изрази благодарност до целиот тим што работи и нагласи дека овој тип на изложби ќе продолжат и понатаму, бидејќи тоа е еден од начините да се претстават заедничките успеси пред јавноста. На прашањето, по што се издвојуваат овие генерации кога е креативниот израз во прашање, таа вели:
- Секоја генерација е специфична, различни генерации имаат различни интереси. Морам да нагласам дека сите генерации ми се драги, но интересот кон дигиталните техники и експерименталната форма е многу забележителен во оваа изложба. Сме имале и претходно таков израз, но мислам дека оваа изложба ќе биде карактеристична по експериментирање во повеќе медиуми, што е мошне значајно.
Постери, слики, фотографии, модни креации, колажи, ламби, каталози се само дел од нештата кои што можеа да се видат во ателјето на вториот кат. Меѓу присутните беа и самите студенти што дојдоа да ги презентираат своите креативни работи.
-Секоја година организираме годишна изложба за претставување на сите студенти. Тука се претставени дела што сме ги изработувале во текот на годината, заедно со проектите за изложба. Конкретно јас се претставувам со дизајни од сите предмети. Имам два модела од ревијата пролет-лето 2014, од современ дизајн, моделирање, фотографија... сите предмети се опфатени. Најмногу се стремам кон едноставна линија, но со детали, на кои обврнувам посебно внимание. Сакам да има вредност во нив. Не сакам да биде нешто помпезно на изглед, а да нема никаква содржина. Во она што го работам доминира геометрија, пачворк и боење на платно – ни објасни Ивана Николова, апсолвент на факултетот за Арт и Дизајн, насока моден дизајн.
Со неа беше и колешката од втора година, Симона Илиева, која е пак на насоката графички дизајн.
-Се претствавувам со мој портрет изработен дигитално, плакати за различни настани изработени во различни стилови, лого, потпис, меморандум... всушност со сите потребни дизајни за еден бренд. Дел од проектите ми помогнаа да сфатам дека добро се снаоѓам со органски форми, со пастелни бои, па сакам кога изработеното дело е живописно – ни откри таа.
На првиот кат пак, беа изложени делата од студентите од прва година и тоа по ликовните предмети Цртање и сликање и методологија на дизајнирање, па помеѓу бројните цртежи видовме и модни колажи.
Повеќе за тоа што покажаа овие млади креативци и каква беше атмосферата на изложбата погледнете во галеријата во продолжение.