Многубројната битолска публика, се чини дека желно ја очекува модната недела. Тие како и изминатите денови го искористија настанот за да ги испочитуваат модните промоции на дизајнерите, но и за да го разгазат битолскиот „Широк Сокак“ стокмени од глава до пети. Вчерашниот ден, како што најавивме повторно беше во знакот на модните приказни кои во салата за свадби ги раскажаа Славица Котевска, гостите од Скопје Ивана Величковиќ и 3Пи Позитив, како и креаторката со полско потекло Катерина Микрут.
Славица Котевска на ревијата прикажа контрастно бранување на црните и белите нијанси, зачинети со пердуви, светки и бисери. Навраќајќи се на доцните ’70-ти години од минатиот век низ колекцијата суптилно се провлекуваа топовите, но и комбинезоните, класичниот крој на панталони, молив здолништата и долгите тоалети со сирена дизајн. Строгите линии кои ја следеа силуетата на моделите и графичките форми симболизираа удобност, но и урбана елеганција. Светките и бисерите со кои беа навезени дел од креациите вметнаа по малку гламурозна нота на дефилето.
За актуелната сезона пролет-лето 2014 ,Ивана Величковиќ остана доследна на својата модна насока и презентираше урбани модерни и смели изгледи. 3Пи Позитив пак, ја искористија тантелата, транспарентните и лесни материјали за изработка на дизајните како идеален избор за летните жешки денови.
Дизајнерката Катерина Микрут реши нејзината најнова колекција „Cloudy city“ после промоцијата пред скопската публика, да биде прикажана и пред битолската. Инспирирана од градската урбаност и сивилото на маглата и облаците, линијата ја сочинуваат 18 рачно изработени парчиња: елеци, здолништа, маички, како и рачно сликани хулахопки и чорапи. Микрут модната сцена ја познава по традиционалните техники на плетење, а твори под етикетата Mikka Design.
„Инспирацијата е многу поврзана со мене, затоа што ја обожавам урбаната средина и облаците. Таа го донесе и спојот на тежината на урбаната средина со индустријалните елементи, со леснотијата, подвижноста и минливоста на облаците. Овој спој го одразуваат претежно долниот дел на облеката кои на некој начин се илустрација на урбаниот пејсаж, додека горните делови потсетуваат на облаците со сите нивни својства. Колекцијата е наменета за жени сигурни во себе, жени што сакаат да експериментираат со стилот за кои облеката е дел од начинот на живеење и секојдневен предизвик и авантура“, изјави дизајнерката.
Утре е претпоследниот ден од годинешната модна недела Битола каде со свои презентации ќе имаме можност да ги проследиме ревиите на модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева, модната ревија која ја организира компанијата за декоративна козметика АВОН, а ноќта ќе ја затвори ревија на венчаници потпишани од студиото L-Dizajn.