Со внимателно осмислениот и до детаљ стилизиран изглед зад кој се потпиша етаблираниот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА, Вера Мештеровиќ беше ѕвездата во модниот фокус на Виенскиот бал, што по 21-ви пат се одржа во Скопје минатиот викенд.
ЕЛЕНА ЛУКА направила ремек дело од тоалета која преку една современа естетика го интерпретира духот на Виенскиот бал и австриската култура, со целата нивна екстравагантност.
За да се постигне таквиот впечаток, потребни се долги часови рачна работа, прецизно осмислен концепт и избор на фантастични и компатибилни материјали со кои ќе се оствари саканиот ефект.
А несомнено ефектот е постигнат: воодушевувачка креација која Вера ја износи со достоинство и за која и денеска се зборува.
„Конечно после две години пауза имавме едно убаво културно случување со традиција која на различни нивоа ни ја пренесува австриската култура во нашата метропола. За мене секако е чест што водечката креација на Виенскиот бал, што достоинствено ја носеше Вера Мештеровиќ како водител и домаќин на настанот, беше со потписот на ЕЛЕНА ЛУКА. Ваквите отмени случувања кај нас се навистина ретки, па ова е една убава можност и предизвик да се изведе еден впечатлив екстравагантен изглед во рамките на пропишаниот дрес-код. Периодов интензивно работевме на дефинирањето на автентичниот изглед, инспириран од авангардната виенска култура, а интерпретиран во една модерна, луксузна и исклучително впечатлива тоалета. Навистина сум задоволна и од реакциите и од импресиите, Вера блескаше на балот", изјави г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА.
Ние имавме прилика да ѕирнеме „зад сцената" како течеа подготовките за целиот концепт, а притоа ја прашавме Вера за долгогодишната соработка и пријателство со г-ѓа Елена Пандева и нејзиниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА.
„Взаемната љубов, почитување и соработка кои ги имаме со г-ѓа Елена Пандева, придонесуваат за долгогодишна успешна комуникација со ЕЛЕНА ЛУКА. Така и годинава токму овој наш етаблиран бренд комплетно ќе ме стилизира за Виенскиот бал во Скопје. ЕЛЕНА ЛУКА секогаш излегува во пресрет да изгледам гламурозно и соодветно на нивото на настанот. А Елена не само што е успешна жена менаџер, тука таа пред сѐ е прекрасен човек и пријателка и токму на тоа се должи успешниот континуитет во нашата соработка".
Во видеото во продолжение погледнете дел од работниот амбиент додека се подготвуваше комплетниот стајлинг на Вера Мештеровиќ за Виенскиот бал.