Холандското дизајнерско дуо Виктор и Ролф го напуштаат светот на комерцијалната модна сцена и се посветуваат исклучително на креирање висока мода.
Оваа информација денеска ја потврдија самите дизајнери, следејќи го примерот на Жан Пол Готје кој од минатата сезона исто така се откажа од производството на ready-to-wear колекции, за сметка на највисоката уметност во модниот свет – високата мода.
Започнувајќи од сезоната есен-зима 2015 година, престижниот моден бренд нема да учествува на ревијалните модни настани за промоција на комерцијалните дизајнерски колекции, па така нивната ревија закажана за март на париската модна недела, нема да се одржи.
Во своето обраќање до јавноста, дизајнерите изјавија дека со овој потег тие сакаат да се вратат на нивните артистични корени и да се посветат исклучиво на создавање уметност.
„Модата секогаш ја користиме како начин на комуникација, а нашата примарна експресија е токму артистичната“, изјави Виктор Хорстинг од дизајнерскиот тандем.
Модното дуо започна да функционира во 1993 година, а ready-to-wear колекциите почнаа да ги продуцираат во 2000-та година. Нивниот авангарден дизајн е препознатлив по скуптуларниот, 3Д дизајн и футуристичка експресија, секогаш блиска до уникатната кутур мода.