Изминатиот викенд се одржа ревијата на Диор во омилениот Париз, а како што очекувавме, на истата се појавија нивните најголеми обожаватели, а меѓу нив, и една виртуелна – Noonoouri.
Noonoouri инаку, на Инстаграм за само три месеца доби повеќе од 70.000 следбеници и стана една од најпопуларните модни фигурни на социјалните мрежи.
Според Вог, таа потекнува од Германија, има 18 години и живее во магичниот Париз. Таа себеси се опишува како слатка, љубопитна и модерна, а на нејзиниот блог говори за мода, убавина, лајфстајл, уметност, култура и патувања.
Луѓето кои стојат зад нејзиниот профил, го опишува овој проект како дигитална висока мода. За многу кратко време таа стана неверојатно влијателна, соработувајќи со некои од најпрестижните брендови меѓу кои и Сен Лоран, Версаче, Рикардо Тиши, Најк и Суприм.
Меѓу оние кои го подржуваат ликот на Noonoouri е и самата Карин Ројтфилд која неколкупати сподели видеа и фотографии со виртуелната девојка.
Се чини дека таа и Диор имаат посебна врска, па така постојано можеме да ја видиме во нивни парчиња, а пред некое време го презема Инстаграм профилот на брендот на два дена.
Noonoouri не е првата виртуелна ѕвезда во светот на модата. Се сеќавате на кампањата на Луј Витон од 2015 година кога Никола Жескје наместо реални модели, ја ангажираше јапонската хероина Lighting од видеоиграта Final Fantasy.
Подеднакво популарна е и виртуелната фигура со шпанско потекло, Lil Miquela која има повеќе од еден милион следбеници, неколку песни кои се на топ листите и голем број соработки со познати модни куќи.
Shudu пак, е виртуелна манекенка која верувале или не, досега е ангажирана од бројни модни куќи, а последна во низата беше онаа на Ријана за новиот кармин од линијата Fenty.
Се чини дека популарните блогерки и модели не се повеќе на прво место кога станува збор за рекламирање.
Виртуелните инфлуенсери денеска носат и многу повеќе пари одошто можете да замислите, иако реално не постојат.
Можеме да ги видиме на бројни фотографии и видеа како појадуваат или се во прошетка со некои од највлијателните дизајнери на денешницата и се чини нема ништо чудно во тоа, иако сепак, има.
Она што е и повеќе од сигурно дека ваквите ликови стануваат ултра популарни со оглед на тоа што се супер лесни за соработка, нема место за грешки, а тоа е одлично за секој бренд.
Извор: Elle.hr, NssMag
Фото: Инстаграм