Збогум, Влатче...

7 јули 2018

Утринава се разбудивме со веста за смртта на еден од најпознатите македонски пејачи Влатко Илиевски, кој бил пронајден мртов во својот автомобил.

Причините за смртта сè уште не се откриени, а веста за ТВ Нова ја потврди македонската полиција.

Влатко Илиевски дефинитивно важеше за еден од најзгодните македонски рок фраери со специфичен глас и полн енергија на сите настапи.

Во јануари годинава, тој заедно со неговата група „Морал“, одржа неверојатен рок концерт во „Станица 26“, каде свиреа некои од нивните најпознати песни, но и новите песни од последниот албум „Coffeine Blues".

Во клубот тие одржаа свирка за паметење за, како што посочија, поклониците на вистинскиот рок и македонската музика заедно со нивните пријатели и ветија дека наскоро ќе се видиме на некое друго место.

Илиевски стана дел од бендот во 2001 година како вокал и оттогаш Морал е со истата постава. Сашо Ангелов на тапани, Ивица Јорданов гитара, Славчо Стојановски на бас и Влатко вокал. Во 2004 година е издаден албумот „Кога патувам" и со него групата освои и званични признанија како Златна Буба Мара и 12 Величествени.

Кулминација на тој период беше одличниот 45 минутен настап пред легендарните Deep Purple во Скопје 2005 година. Последен настап на групата беше на „Scream rok" фестивалот во Охрид заедно со Дивље Јагоде, Прљаво Казалиште и Ван Гог во 2011 година. Изминатите години снимани се нови песни во повеќе студија и при крај на минатата година во издание на „Gorila rekords" објавен е последниот албум „Coffeine Blues".

Веста за смртта на еден од најпознатите македонски рок пејачи ја потресе јавноста, па многу од неговите колеги јавно го изразија нивното сочуство и жал за ужасната вест.

Тој беше омилен меѓу колегите, за него сите велеа дека има неверојатна холивудска убавина со која освојуваше многу девојки.

Неговиот стил дефинитивно беше посебен. Обожуваше уникатни палта со копчиња со кои нејчесто можевме да го видиме на јавните настапи. Многу често носеше марами, маички со впечатлив принт, кожени парчиња, џинс и капчиња.

Познат беше по црно – белиот микрофон без кој речиси никогаш не настапуваше. Пејачот пред неколку денови го прослави неговиот 33 - ти роденден.

Објавено:
7 јули 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
6.714 пати