Ако постои дилема дали изостанува или не подобар живот во Македонија, она што е сигурно е дека не изостанува добра забава на „Златна бубамара на популарноста", популарното сатирично – музичко шоу што вечерва се одржа по 21-ви пат, овојпат под слоганот: За подобар живот...
„ Патни трошоци не ви признаваме, а за другото че разговараме, дискутираме, дебатираме. И да знаете колку и да трае – Че си седите!!!" – во најавата за настанот и во препознатлив стил се пошегува главниот организатор и првиот човек на Златната бубамара, Ранко Петровиќ.
Како увертирата во шоуто, уживавме во спектакуларниот настап на Тијана Дапчевиќ која освои Златна бубамара за „Најдобар мултимудијален уметник" во регионот, што се доделува за прв пат.
„Со оглед на тоа дека не сум ниту само пејачка, ниту само актерка, туку што би кажал Ранко Петровиќ, филмско-сериско-музичко тв-лице, ја добив наградата за Најдобар мултимедијален уметник, што како категорија за прв пат е воведена годинава", изјави Тијана за Fashionel.
Дека признанието е во вистински раце, потврди уште еднаш со нејзиниот врвен сценски настап на диско хитови од 70-те години, а салата на „Борис Трајковски" се претвори во една масовна диско сцена. Она што остави силен впечаток и го заокружи сценскиот настап на „Frau Ula" е нејзиниот стајлинг што тематски ја следи диско естетиката на 70-те години, а за што се погрижи македонскиот моден бренд Елена Лука, со која Тијана и претходно има заеднички успешни проекти.
„Со „Елена Лука" не соработуваме првпат и секој пат е како песна. Елена е единствена. Во еден момент се појавија едно чудо дизајнери, што за жал, не се истрајни и немаат амбиција. Доброто со Елена е што, пред сè е многу добар човек, хуманиста, прекрасна мајка и феноменален бизнисмен. Има „нос" да намириса талентирани луѓе и околу себе има прекрасен тим што работи за неа и за доброто на модната сцена во нашата земја. Затоа, се договоривме и за „Бубамара на популарноста", таа да се погрижи за тоа како ќе изгледам", вели Тијана за соработката со Елена Лука.
Деновиве таа се подготвуваше за нејзиниот сценски изглед во ателјето на Елена Лука.
„Секогаш е задоволство да се соработува со Тијана. До сега многупати сме имале успешни заеднички проекти, а периодов паралелно работевме на два нови и исклучително значајни проекти: актуелната Златна бубамата и Саемот за венчавки. Тијана е човек што го носи сензибилитетот карактеристичен за Елена Лука, а тоа е индивидуалноста и доследноста кон себе и своите лични принципи. Токму затоа многу лесно се разбираме во секој аспект. За годинешнава Бубамара, за Тијана креиравме автентичен и истовремено авангарден комбинизон, кој што го работевме тематски, инспириран од диско ерата во 70-тите години, во духот на песните од оваа декада што таа вечерва ги изведе на сцена. А сцената секогаш бара моќен и впечатлив изглед, затоа е суштински значајно да се направи вистинскиот спој на материјали, бои, дезени, крој... Во овој случај, одбравме светкав материјал во црна варијанта за комбинезонот во кој Тијана изгледа перфектно. Рамената се нагласени, струкот исто така е потенциран со тенка сатенска лента, додека кројот на панталоните е во суптилен А израз, што повторно асоцира на естетиката од 70-те години. Она што е од суштинско значење, таа го носи самоуверено и со став, со што се заокружува една комплетна визуелна целина. И честитам на Тијана за заслужената наградата, а веќе утре ќе ја видите и како модел во креација на Елена Лука на ревијата во рамките на Саемот на венчавки", изјави Елена Лука.
Кај домашната публика, Тијана периодов е особено популарна со улогата на секогаш принципелната германка Ула, во хит хумористичната серија „Преспав".
„Го прифатив ангажманот веднаш, но не тргнав со цел. Јас никогаш немам цел, едноставно сакам да уживам во работата. А благословена сум што работам нешто што го сакам. Во регионов, 95 проценти од луѓето работат работа што не ја поднесуваат, но јас сум во оние преостанати пет проценти. Не прашав ниту за хонорарот, едноставно ми беше предизвик што ќе бидам дел од прв македонски ситком. Кога слушнав и која ќе биде екипата, која е генијална тоа беше тоа. Во втората сезона ни се приклучи и Игор Џамбазов, со што ситкомот доби уште повеќе на квалитет, но и добивме голем „плус" кај публиката. И сите едвај чекаме да снимаме и трета сезона", вели Тијана за искуството со „Преспав".
... За сите останати детали на 21-вата „Златна бубамара на популарноста", следете ги содржините на Fashionel.mk