Една од најамбициозните ѕвезди меѓу младите дизајнери е Оливие Рустенг и неговите колекции за Балман секогаш уживаат големо внимание кај светската модна јавност.
Токму затоа една од најочекуваните ревии на Модната недела во Париз беше токму онаа на Балман што беше промовирана во текот на вчерашниот ден.
Балман секогаш знае како да и се додвори на жената која сака да биде тренди, шик и секси. Последнава колекција за сезоната есен-зима 2017 е приказна за жената Амазонка, која сама по себе е доминантна, наметлива, видлива и моќна.
Балман армијата на чело со Џиџи Хадид и Кендал Џенер маршираше во драматични, слоевито споени парчиња претежно во земјени тонови, нагласени со животински принтови.
Сексапилот е суптилно присутен, половината е потенцирана со веќе препознатливите широки ремени, а чизмите од велур се високи над колената. За да се постигне драматичниот и наметлив изглед, користени се различни материјали од пердуви и плетенини, до кожа и крзно комбинирани во предимензионирани, асиметрични кроеви или такви што ја нагласуваат женствената фигура.