Во модниот дизајн, архитектурата многу често е инспиративна тема имплементирана преку силуетите, формите, дезените или деталите.
Македонскиот моден бренд Елена Лука во неколку свои колекции до сега ја има искористено естетиката на современата архитектура создавајќи уникатни дизајнерски парчиња во кои совршено се балансираат двете уметности.
Новата „ready to wear" линија со потписот на Елена Лука наменета за сезоната пролет-лето 2016 година е базирана токму на чистите, симплифицирани линии и форми на современиот архитектонски дизајн создавајќи безвременски парчиња, лесно компатибилни во стилот на секоја жена: кошули со ѕвонести ракави, панталони, фалтирани здолништа, кратки палтенца со комбинација на принтови со точки и пруги, елегантни и женствени фустани...
Фотосесијата за колекцијата е направена во првиот станбено деловен објект на EL Homes-Eco Homes, „ Luxury Homes", што како простор и амбиент беспрекорно го надополнува сензибилитетот на колекцијата, а заштитните лица на Елена Лука, црвенокосите убавици Кристина и Елена, се главните модели што го доловуваат духот на колекција.