Вообичаено македонскиот дизајнер Роберт Ивановски своите колекции ги дефинира во монохроматски стил, претежно со доминација на црна, бела или црвена боја. Но, неговата последна колекција за сезоната пролет-лето 2016 насловена „Feelings" што ја промовираше на претходното издание на FWSK, е вистинско олицетворение на пролетниот колорит.
„Колекцијата 'Feelings' е инспирирана од природата и нејзината обоеност, поп културата и моите чувства низ годината. Доминантни бои се белата и зелената, збогатена е со апстрактни принтови изработени од сликарите Елена Чемерска и Бојан Ковски", вели дизајнерот за Fashionel.
Соработката со двајцата сликари и дава дополнителен артистичен доем на колекцијата во која се застапени парчиња облека наменети за двата пола.
За „Feelings" неодамна дизајнерот направи и едиторијал со моделите Ана Ежова и Леуарт Лека, фотографиите ги направија Ани и Дими, а шминката и фризурата се на Фран.