Иако шоуто на Зухаир Мурад започна со мало задоцнување и нервозни гости поради протестот на тамошните работници, тоа воопшто не пречеше за на крајот сите да си заминат задоволни. Најдобриот либански дизајнер уште еднаш прикажа колекција достојна за почит, богата со раскошни мониста и светки, но и висококвалитетни луксузни материјали претворени во најубавите креации на светот.
Дизајнерот ја отвори ревијата со сосема романтична и по малку секси креација составена од фантастично украсено тесно боди во жолтеникава боја, кое надолу преминуваше во транспарентен материјал совршено украсен со безброј светкави детали и прекрасен жоржет што лежерно паѓаше во задниот дел.
Ревијата продолжи сосема во негов препознатлив ритам, прикажувајќи ни на пистата раскошни тоалети украсени со магични мониста, многу тул и неверојатна тантела, надополнета со неодоливи детали од магични листови распоредени по површината.
Речиси сите креации што тој ги прикажа, на половината беа украсени со сребрени и златни ремени надополнети со прекрасни украси во централниот дел.
Како и секогаш, либанскиот дизајнер ни даде можност да уживаме во бројни долги тоалети, но и во неколку куси што совршено се ширеа од половината надолу.
Особено впечатлив беше неверојатно елегантниот сребрен фустан до под колената, што во комбинација со раскошната тантела што неодоливо беше наметната одозгора, изгледаше како излезен од рајот.
Што се однесува до палетата на бои, неговата колекција беше вистински синоним за пријатни пролетни ноќи. Тој започна со жолтеникава, за преку небесно сина и неодолива розова и крем, на крајот да дојде до незаменливата сребрена боја.
Ревијата на либанскиот дизајнер ја затвори ултра раскошната венчаница од колекцијата, што прекрасно се рефлектираше од подот и изгледаше како да е од сосема друга димензија!
Подеднакво добра ревија на последниот ден од Париската модна недела на висока мода, прикажа и двојката Ралф и Русо. Ревијата ја започнаа со целосно бел фустан во А – крој со наметка одозгора, целосно украсен со ситни розови цветчиња.
Како што одминуваше ревијата на луксузната модна куќа, на пистата се појавија неколку одлични фустани од малку поинаква тантела, за потоа да преминат во свечени тоалети направени од високовалитетна свила и жоржет и рачно украсени со детали од тантела и мониста претежно во горните делови.
Како и кај Мурад, така и во оваа колекција можевме да видиме многу листови како мотиви распоредени по површината на долгите раскошни тоалети.
Дел од колекцијата беа и фустани што беа однапред куси, а подолги во задниот дел, претежно на куси ракави. На пистата видовме и неколку помалку слични фустани како оние на Валентино, со долги ракави, направени од транспарентен материјал украсен со цветови и целосно затворени во горниот дел.
Што се однесува до шминката и фризурата кај двете ревии, Зухаир Мурад го продолжи трендот на лежерни сандали на потпетица со вкрстени ремчиња на површината на ногата, претежно во сребрени и крем нијанси.
Фризурите на девојките беа целосно ретро, со најголем акцент на брановидните моменти што можевме да ги видиме и кај девојките на Ели Сааб.
Чевлите од колекцијата на Ралф и Русо беа слични со оние на Зухаир Мурад, а во неколку наврати дизајнерската двојка прикажа слични или помалку исти чевли како оние „гладијаторските“ сандали на Кристијан Лубутан што беа неверојатно популарни минатата година.
Сосема на крајот, вљубениците на модата од Париз можат да си заминат сосема задоволни со финалето на модната недела, додека сите сме во исчекување веќе на следната во Големото јаболко.